Милевски: Од резултатот не сум никако задоволен, заслуживме чиста победа!

ЕКИПА во Разград,

Владимир Булатовиќ

Македонскиот селектор Благоја Милевски истакна дека никако не е задоволен од ремито (1-1) во Разград затоа што Македонија комплетно го надигра противникот, но за жал не успеа тоа да го материјализира со победа.

„Прв натпревар во нов циклус во Лига на нации со противник кој беше носител во нашата група. Натпревар како натпревар во кој можевме да дојдеме до победа, но долга е трката во Лигата на нации затоа што ова е само почеток на новиот циклус. Задоволен сум од начинот на кој пристапија фудбалерите на мечот, како го одиграа второто полувреме, но секако не и од резултатот“ – истакна Милевски на прес-конференцијата по мечот, и дополни:

„Може комотно да кажам дека од првата минута до последната минута Македонија го контролираше мечот во секој сегмент. Имавме во првото полувреме шанси, но од одредени делови во играта не можам да бидам задоволен во првиот дел. Второто полувреме, во овој период на крај од сезоната во момент кога добар дел од играчите се долго со завршени сезони, може да кажам дека го одигравме перфектно. Перфектно, ќе повторам, во момент ако се погледне во кој дел од сезоната играме. Според мое мислење, да точно е дека немавме доволна зрелост во нападот дека не реализиравме многу шанси, но тоа е затоа што поголемиот дел од играчите, освен Алиоски и Трајкоски, се надвор од натпреварувачка форма. Може да резимирам, од резултатот не сум никако задоволен затоа што заслуживме чиста победа… Но, имаме уште многу за игра и во овој циклус и продолжуваме понатаму“.

Се вчитува...