Милевски пред првиот собир: Некои промени се неизбежни, но не стравувам…

Селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски вечерва ќе го има првиот собир со фудбалерите на чии услуги ќе смета за претстојните квалификациски дуели против Ерменија, Исланд и Романија.

Ова ќе бидат први натпревари на националната селекција по завршувањето на ЕВРО 2020, што значеше и крај на ерата на Горан Пандев во националниот тим, како и заминување на досегашниот селектор Игор Ангеловски и доаѓање на Милевски на негово место.

„Започнуваме нов репрезентативен предизвик и се радувам на собирот и деновите кои ни следуваат. Некои промени се неизбежни, но не стравувам. Напротив, јас стојам зад репрезентацијата и фудбалерите и имам мотив и енергија да работиме квалитетно, максимално професионални и да бидеме конкурентни.  Јас сум селектор и притисокот е врз мене. Фудбалерите мора да продолжат да веруваат во себе и во својот квалитет. Нашата заедничка цел е борба до крај во тековните квалификации, создавање група во која тимот, а не индивидуалци ќе биде најбитен и крајно да направиме се за да бидеме конкурентни за настап на следното Европско првенство“, вели Милевски.

Првиот ривал Ерменија моментно е лидер во групата, па триумф на мечот закажан за 2 септември ќе значи и искачување на првата позиција.

„Резултатот е секогаш важен. Затоа во пресрет на подготовките за натпреварот со Ерменија велам дека сакаме победа бидејќи тој резултат ќе ни донесе дополнителна самодоверба. Сите го сакаме најдоброто и ќе се обидеме така и да изгледаме да натпреварите кои ни следуваат. Го познавам тимот, знам дека имаме амбициозни и талентирани фудбалери, но и играчи со квалитет и искуство кои сеуште се гладни за нов, голем резултат. Освен тоа, имаме неколкумина репрезентативци кои влегуваат во најдобрите фудбалски години од своите кариери, а нивниот пристап ми говори дека македонската репрезентација ќе биде во одлични раце по повлекувањето на неколкумина фудбалери. Го сакаме предизвикот и сакаме да покажеме дека заслужуваме да бидеме меѓу најдобрите. Се надевам дека сите ќе бидеме здрави и подготвени за тоа”, порачува македонскиот селектор.

Македонија ќе одигра три натпревари. На 2. септември ја пречекуваме Ерменија, на 5. септември гостуваме во Исланд, а на 9. септември на домашен терен ќе играме против Романија.

Се вчитува...