Милевски: Сите во групата се со израмнет квалитет, не го потценуваме ниту Гибралтар!

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски, на прес-конференција денеска ги искажа своите очекувања од следните четири натпревари во Лигата на Нации. Следуваат две гостувања во Бугарија и Гибралтар, а потоа и домашни мечеви со Грузија и со Гибралтар.

Претходно селекторот кажа дека има проблеми поради дополнителните откажувања на Ристовски и на Ракип, а претходно беше јасно дека ќе ги немаме Адеми и Костадинов.

Милевски вели дека секоја селекција е со ист квалитет во групата, и секој има шанса за првото место во неа.

„Би кажал дека не чекаат натпревари со израмнети противници, а од друга страна одлична можност да го видиме целиот потенцијал со кој располагаме, и ќе ја искористиме оваа прилика да дадеме шанса на сите за да знаеме со што вистински располагаме со она што ни следува во иднина како таргет, квалификциите за ЕП 2024.

Се работи за квалитетни репрезентации, сме сите учесници во оваа група сме со израмнет квалитет, не би ја тргнал како целосен аутсајдер ниту Гибралтар, затоа што со самиот пласман во Ц групата покажаа дека се квалитетни. Затоа не се согласувам со тоа, императив има секогаш, било кој да настапува за македонската селекција и да го даде максимумот, и тоа е императив. Секогаш кога сме тука наше е да го даваме максимумот“, изјави Милевски.

Поточно против Бугарија напомена дека ништо друго што е надвор од теренот не го интересира.

„Против Бугарија, јас морам да напоменам дека сме спортски работници и само спортските моменти не интересираат, сето останато ниту ќе ме интересира ниту ме интересирало. Што е до нас, ќе направиме се што се во нашите можности да имаме позитивни резултати“, вели Милевски.

Селекторот на македонската репрезентација кажа дека има доволен број на фудбалери и покрај откажувањата на Ристовски и на Ракип, и откри кој ќе биде капитен на следните четири натпревари.

„И покрај откажувањата, 26 фудбалери мислам дека е доволен број на играчи. Имаме доволен број на играчи да го заменат Стефан Ристовски кој може да одговорат на таа позиција. Голема е улогата на капитенот, за жал не можеме да сметаме на него. Енис Барди ќе биде новиот капитен на селекцијата“, вели Милевски.

Милевски напомена дека дополнително ќе има влијание и проблем со летот од Бугарија кон Гибралтар, односно дека мора да се лета од Варна до Малага, а потоа со автобус до Гибралтар.

Подготовките на националниот тим почнуваат денеска од 18 часот кога е првиот тренинг на селекцијата на тренинг центарот „Петар Милошевски“.

Се вчитува...