Милосављев: Штербик е еден во светот, но јас сакам да оставам своја трага во Вардар

Дејан Милосављев е новиот миленик на навивачите на Вардар, по извонредните партии што српскиот голман ги имаше на голот на „црвено-црните“ при стартните четири победи во Лигата на шампионите, како и при серијата добри игри во СЕХА-лигата. Српскиот интернационалец пристигна во ситуација кога предизвикот беше огромен – да се наследи Арпад Штербик, но Милосављев ги надмина очекувањата и на најголемите оптимисти, експресно претворајќи се во нов лидер на македонскиот првак.

Во разговор за клупската веб-страница Милосављев говори и за споредбите со големиот Арпад, како прекарот што го доби од навивачите – Бејби Штербик.

Мислам дека Штербик е еден и никој не може да биде како него. Искрено, Штербик е најдобар голман на сите времиња. А тој прекар ми импонира, и јас се трудам за екипата да допринесам како што и тој тоа ќе го стореше. Мислам дека и публиката тоа го гледа. Јас би сакал и јас да можам да дадам на клубот, колку што даде и тој. Мислам дека тој е посебен за оваа публика, зашто даде нешто посебно за клубот. Ќе дадам се од себе и јас да се обидам да успеам како што успеа и тој“ – порачува Милосављев.

Според новиот голман, силата на Вардар на стартот од сезонава покрај во квалитетот е во мотивираноста на играчите да покажат дека вредат и дека македонскиот клуб повторно е дел од самиот врв на европскиот ракомет.

„Мислам дека не сме биле аутсајдери на ниту еден натпревар. На мечот со Рајн Некар некои луѓе очекуваа дека мечот може да биде многу потежок, зашто Рајн Некар е брза екипа, а ние имаме неколку повредени играчи и може не сме во можност да играме брз ракомет. Имавме напорен натпревар. А тоа дека луѓето сезонава го потценија Вардар, почувствуваме на сопствената кожа, и тоа дополнително не мотивираше зашто ова се играчи кои вредат и сакаат да се докажат. Дојдоа и играчи кои се желни да се докажат. Скубе е феноменален дечко, кој сака да се докаже а и публиката за кратко време многу го засака. Мислам дека во Вардар остана еден ростер кој даде сила, енергија за новите кои дојдоа и кои се привикнуваат на новиот начин на работа. Но костурот на екипата кој беше и минатата сезона, а кој го сочинува Вардар, тука мислам на капитенот Стојанче Стоилов, Тимур, Карачиќ, Чупиќ, Шишкарев, сето тоа се играчи со светски имиња во ракометот и мислам дека ниту еден противник кој ќе се најде спроти нив не треба да ги потцени“ – вели Милосављев.

По добрите игри само прашање на време е кога Србинот ќе почне да добива понуди од други клубови ширум Европа, но тој е фокусиран само на една работа – настапите за Вардар.

„Договорот ми е на три години. Но има луѓе кои кога ќе дојдат, коментираат, добро браниш, млад си, нема да останеш долго во Вардар, но јас не размислувам за друг клуб. Неверојатно е ова што тука го доживувам и би останал уште 15 години, целата своја кариера. Гледам зашто сите играчи тука би сакале да ја поминат кариерата. Најверојатно ќе дојде време да отидам во друг клуб, зашто сите менуваат, но сега би сакал тука цела своја кариера, ако е можно“ – истакнува српскиот голман во таборот на „вардарци“.

Се вчитува...