Тимовите Минесота Тимбервулвс и Минесота Линкс добија нов мнозински сопственик, нешто повеќе од една година откако Марк Лор и Алекс Родригез ја презедоа контролата врз франшизите.
Според Шамс Чаранија од ЕСПН, американскиот бизнисмен Марк Стад го финализираше договорот со кој станува најголем акционер и сопственик со контролен удел во двете франшизи. Стад ќе го откупи поголемиот дел од сопственичкиот удел на Марк Лор, а трансакцијата ги вреднува Тимбервулвс и Линкс на дури 4,5 милијарди долари.
Основачот на инвестициската компанија „Dragoneer Investment Group“ веќе беше значаен малцински сопственик во рамките на групацијата на Лор и Родригез, а новиот договор беше постигнат по неколкумесечни преговори.
Сепак, оваа промена не значи целосно повлекување на претходните сопственици. Лор ќе задржи дел од уделот и ќе остане вклучен во организацијата, исто како и Родригез, кој останува сосопственик. Предвидено е сопругата на Стад, Елиса, да ја преземе функцијата гувернер на Тимбервулвс, позиција што претходно ја извршуваше Лор.
И покрај големата промена во сопственичката структура, не се очекуваат моментални промени во функционирањето на клубот, бидејќи Стад, Лор и Родригез ќе продолжат да соработуваат, задржувајќи ја постоечката раководна структура.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
