По неколкугодишна пауза, Мирјета Бајрамовска реши повторно да го облече дресот на македонската репрезентација и со своето искуство да му помогне на овој млад состав во претстојниот бараж за СП 2017 против Шведска. По оној лош период во кој западна македонскиот женски ракомет во изминативе пет години, успешниот настап во квалификациите на Фарско Острови и пласманот во баражот за СП 2017, беш прв чекор напред за македонската репрезентација и поттик да се мобилизираат силите и конечно да се тргне напред.
„Ќе се обидам да им помогна на овие млади девојки. Нешто што најмногу ме натера да се вратам назад во репрезентацијата беше токму тоа. Во разговор со селекторот се навраќав на моите почетоци кога другите, повозрасни репрезентативки ни го трасираа патот и ни овозможија и ние да играме на некои првенства, иако после тоа имавме голем пад во женскиот ракомет. Се надевам дека ќе и помогнам на оваа млада генерација со моето искусто да направиме чекор понапред“ – вели Мирјета Бајрамовска.
До првиот меч со Шведска во Скопје, македонските репрезентативки имаат десетина време да се воиграат и да се подготват за предизвикот што ги очекува во баражот за СП. Утрово репрезентацијата отпатува за Анталија, каде ќе одигра три подготвителни натпревари со селекциите на Русија, Литавнија и на домаќинот Турција. За селекторот Симе Симовски овие натпревари ќе бидат добра шанса да се вкомпонира тимот и Бајрамовска да се вклопи во тој систем.
„На првиот тренинг, искрено ми беше малку чудно, многу долго време не сум била со девојките иако со повеќето имам играно заедно. Ќе треба време да се вклопиме, но мислам дека имаме доволен период од две недели до баражот со Шведска. Добро ќе ни дојдат овие три натпревари во Турција да се воиграме, да видиме до каде сме и да почнеме да го анализираме противникот во баражот“ – истакнува македонската репрезентативка.
Со враќањето на Бајрамовска на левата бековска позиција, македонската репрезентација доби искуство, поголема ширина во составот, но и многу поголема ефикасност и агресивност во нападот. Заедно со капитенот Елена Ѓоргиевска на десен и со Душица Ѓоргиевска на среден бек, Бајрамовска ја комплетира искусната бековска тројка која добро се надополнува со помладите бекови во составот. Токму спојот на младоста и искуството на надворешната линија отвора простор за поголема разноврнсост во нападот на македонската репрезентација во овој засилен состав против Шведска која, секако, ја има фаворитската улога во овој бараж двомеч.„Шведска знаеме од каков ранг репрезентации е. Не дека немаме никави шанси во овој дуе, но, ќе треба многу труд, голема концентрација, да бидеме добро подготвени и најважно од се, да дадеме се од себе на тие два натпревари и да го подигнеме нивото на нашата репрезентација“ – истакнува Бајрамовска.
Првиот бараж натпревар против Шведска е на 10 јуни во СРЦ „Кале“ во Скопје, а реваншот ќе се одигра на 13 јуни во Истад.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА