Мирковски: Прво да влеземе во Топ 4, а потоа одиме по финале

Тренерот Владимир Мирковски е оптимистички расположен кога станува збор за амбициите за новата сезона. За „центарци“ е најважно што е надмината кризата од ланската сезона, но амбициите дефинитивно ќе бидат високи, битка за трофеи на домашната кошаркарска сцена.

„За мене како тренер е чест и привилегија да бидам шеф на стручниот штаб на гигант како Работнички. Свесни сме за очекувањата, составивме ростер со кој веруваме дека можеме да се бориме за највисоките дострели. Го задржавме костурот од минатата сезона, донесовме неколку квалитетни засилувања, закажавме девет контролни средби. Можам да кажам дека атмосферата во тимот е на едно високо ниво, се работи за големи професионалци, мислам дека оваа година секој меч ќе го даваме максимумот. Имаме квалитетен ростер, одиме чекор по чекор, најпрвин да стигнеме во Топ 4, а потоа и да стигнеме до тоа финале што искрено сите го посакуваме“, изјави тренерот Владимир Мирковски.

Репрезентативецот Виктор Ефремовски е оптимист дека клубот со поддршката на верните навивачи може да оствари одлични резултати во сезоната што следи.

„Атмосферата во екипата е одлична, сите сме свесни која тежина е да се носи дресот на Работнички. Подготвени сме да го дадеме максимумост, максимално посветено ќе работиме. Зад нас ќе ја имаме поддршката од нашите Сити Парк Бојс кои ќе ни дадат дополнителна сила и верувам дека заедно можеме да се радуваме на многу победи во новата сезона“, истакна капитенот Ефремовски.

Се вчитува...