Најтрофејниот македонски кошаркарски колектив Работнички, со големи амбиции ја пречекува новата сезона во домашното првенство. Шефот на стручниот штаб, Владимир Мирковски, отворено најави дека клубот од Градски парк погледнува кон самиот врв и ќе се бори за шампионскиот пехар.
За искусниот стратег ова ќе биде вкупно 24-та сезона во неговата богата тренерска кариера. Истовремено, ова е негова втора година на кормилото на сениорскиот тим на Работнички. Мирковски ја презеде екипата со јасна мисија, да го врати победничкиот сјај на клубот.
„Цел ни е да го вратиме Работнички таму каде што му е местото – на врвот! Имаме нова управа, нова енергија и заедничка цел – да го вратиме Работнички таму каде што му е местото! Минатата сезона беше турбулентна, но нè направи единствени. Го задржавме костурот на тимот, донесовме неколку засилувања на дефицитарните позиции и создадовме одличен спој на младост и искуство. Нашите амбиции се јасни, очекувам да играме финале. Закажавме девет пријателски натпревари, со домашни и странски екипи, што ќе ни ја дадат вистинската слика за квалитетот и подготвеноста на тимот пред почетокот на сезоната. Очекувам максимално залагање, дисциплина и посветеност од секој кошаркар“, вели Мирковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
