Мисијата исполнета: Триумф над БиХ за опстанок во елитата

Македонија стигна до втората победа на Европското Првенство за кошаркари до 16 години, откако нашите надежи попладнево триумфираа над соодветната селекција над БиХ со убедливи 76-64. Поразот од Русија експресно беше оставен зад „црвено-жолтите“, кои денеска прикажаа одлична игра и заслужено стигнаа до победата со која ја остварија примарната зацртана цел – опстанок во елитното друштво во оваа возрасна категорија.

Избраниците на селекторот Дервишевиќ беа подобри во голем дел од првата четвртина, не искористија неколку напади при водство од 19-13, па противникот со фуриозен финиш го доби овој дел од мечот со минимални 19-20. Босанците парираа само уште во втората четвртина, на одмор заминаа со минимално водство од 33-34, за потоа Македонија целосно да ја преземе контролата. Третата четвртина мина во тотална доминација на нашите кошаркари, кои ги добија овие 10 минути со убедливи 30-14. Лекцијата од поразот во второто коло од Израел беше научена, па „црвено-жолтите“ овојпат рутински го исконтролираа резултатот до самиот крај, триумфирајќи со конечни 76-64.

Андреј Митревски одигра уште еден одличен натпревар и со 25 поени беше прв стрелец во македонскиот состав, Мемед реализираше 15, а Наков го заврши мечот со 10 поени и 8 скокови.

Следен противник на Македонија во борбата за пласман од 9. до 12. место ќе биде селекцијата на Словенија, која триумфираше над Германија со резултат 72-65.

Се вчитува...