Мицевска: Норвешка е големо искуство за нас, очекувам добра игра и на вториот меч

Женската ракометна репрезентација на Македонија синоќа загуби со 18-24 од селекцијата на Норвешка во рамките од ЕХФ Еврокупот што го играме како дел од подготовките за претстојниот европски шампионат.

Голманката на „црвено-жолтите“, Јована Мицевска вели дека Норвешка е добро искуство за сите во репрезентацијата и дека се надева дека ќе ги корегираат грешките на вториот меч.

„Одигравме тежок натпревар на домашен терен, а истото не очекува и на гостувањето во Норвешка. Сметам дека на првиот меч покажавме борбеност, желба за успех и се надевам дека со секој следен натпревар со сите сили ќе се обидеме да го постигнеме тоа што уште малку ни недостасува во играта. Секој го дава максимумот од нас и нема штедење. Наша работа е гордо да го носиме дресот на нашата држава. Сигурна сум дека најдоброто од нас допрва доаѓа. Норвешка е драгоцено искуство за нас и сметам дека тоа треба да го искористиме на најдобар можен начин и да постигнеме добар резултат. Жалам што дома не успеавме да направиме подобар резултат, но имаме можност тоа да го корегираме на вториот меч“, изјави Мицевска.

Натпреварот меѓу Норвешка и Македонија во ЕХФ Евро купот ќе се игра в недела со почеток во 16 часот.

Се вчитува...