МКФ во „војна“ со Германија за Здравевски

Големиот талент Даниел Здравевски сепак нема да може да настапи за јуниорската репрезентација на Македонија на претстојното ЕП што ќе се одржи во Скопје, поради „блокадата“ што ја добил од страна на Германската кошаркарска федерација. Раководството на МКФ стапи во контакт со Здравевски, кој е капитен на јуниорскиот состав на Баерн Минхен, кој на крајот прифати да го облече нашиот национален дрес, по што е почната и процедура во ФИБА за добивање на македонски „кошаркарски пасош“, но проблем претставува ставот на Германците, кои не сакаат да се откажат од овој играч кој веќе има настапувано за помладите младински генерации на оваа земја.

Во македонската куќа на кошарката се оптимисти дека ќе ја добијат оваа битка, но невозможно е да се добие „трката со време“ за стартот на европскиот шампионат што ќе стартува наредната седмица. Имено, Германците имаат рок од уште петнаесетина дена за да одговорат на барањето од Македонија, што тактички ќе го искористат до последен ден пред за целата ситуација да решава комисија на ФИБА.

Во една таква ситуација, нашиот јуниорски состав ќе биде значајно ослабен со неиграњето на овој одличен кошаркар во Скопје, но се очекува Здравевски да се најде на поширокиот список на сениорската репрезентација за претстојните претквалификации против Косово и Романија.

Се вчитува...