Младинците супериорно до нова победа – на крајот на 9. место на ЕП – Б дивизија

Селекцијата за кошаркари до 20 години на Македонија го освои деветтото место на Европското првенство – Б дивизија што се одржуваше во Словачка откако нашата млада селекција славеше во денешниот последен меч над БиХ со убедливи 91-81. „Црвено-жолтите“ ги одиграа во висок ритам сите натпревари од доигрувањето за пласман, бележејќи серија убедливи победи по кои останува да се жали што немавме среќа на стартот од шампионатот, каде падот на концентрацијата значеше и губење на шансите за борба во Топ 8.

За разлика од дел од претходните дуели на кои се мачевме на почетокот, овојпат Македонија одигра импресивно во нападот во првите десет минути, добивајќи ја стартната четвртина со 30-21. Македонските младинци потоа рутински ја задржаа предноста до самиот крај, на одмор заминаа со „плус десет“, а со нешто подобра игра во последниот период поведоа и со 17 поени, за на крајот да се радуваат на триумф изразен со конечните 91-81.

Сергеј Младеновски беше прв стрелец на македонската селекција со 17 поени, центарот Луканоски реализираше 15 поени, а двоцифрен ефект имаа Димитриев со 12 и Ќирилоски со 10 постигнати поени.

Се вчитува...