Младинците убедливи против Грузија на ЕП Б-дивизија

Машката младинска репрезентација на Македонија одигра одличен натпревар и со убедливи 77:62 ја совлада селекцијата на Грузија во првиот натпревар од разигрувањето за пласман на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Братислава.

Избраниците на селекторот Никола Велев уште од самиот почеток го наметнаа својот ритам и со одлична игра во двата правци не му дозволија на добро познатиот ривал да се надева на позитивен резултат. По првата четвртина Македонија имаше предност од 22:16, а уште поубедливото издание во вториот период донесе високи 53:35 на полувремето.

Особено радуваше колективниот пристап на нашата селекција. Дури осуммина македонски кошаркари се запишаа меѓу стрелците во првите 20 минути, а најрасположени беа Младеновски, Луканоски и Димитриев со по осум поени, додека Ќириловски реализираше седум. Македонија во еден момент од втората четвртина имаше и максимални 20 поени предност (44:24).

Македонските младинци продолжија во ист ритам и по големиот одмор. До средината на третата четвртина предноста порасна на 68:42, а на крајот од периодот резултатот беше 78:53, со што практично беше решено прашањето околу победникот.

До последниот звук на сирената, нашите кошаркари не го намалија интензитетот, туку ја зголемија разликата за конечни 97:62 и убедлив триумф.

Дури петмина македонски репрезентативци натпреварот го завршија со двоцифрен број поени.

Марко Луканоски беше најефикасен со 16 поени (имаше и шест скока). Трајанов и Димитриев постигнаа по 13 поени, додека Марјановиќ и Младеновски реализираа по 11 поени.

Со оваа убедлива победа, Македонија обезбеди место во разигрувањето за пласман од 9. до 12. место на Европското првенство.

Се вчитува...