Младинците водат битка за финале: Украина стои на патот кон А-дивизијата

Младинската репрезентација на Македонија денеска во 18.30 часот излегува на мегдан со Украина во полуфиналето на ЕП – Б дивизија што се одржува во Скопје, во кое влогот е огромен, ако се знае дека победата значи и автоматска промоција во А дивизијата.

Домашниот терен и верните навивачи се голем адут на нашиот состав на овој шампионат, но предизвикот денеска ќе биде огромен бидејќи против себе избраниците на селекторот Василев ќе имаат силен ривал, кој вчера ја декласираше Холандија во четвртфиналето со 67-49. Јасно е дека цврстата одбрана ќе биде главен адут на нашата репрезентација и на овој дуел, а акцент ќе биде ставен на запирање на Олександр Кобзистји, кој со 24 поени и осум скока беше главна фигура во четвртфиналниот триумф на Украинците.

На спротивната страна, Симиќ и Митревски повторно ќе бидат нашите главни адути во нападот, но секако се очекува и соодветна поддршка од остатокот од тимот.

„Подготвени сме за предизвикот, се пласиравме меѓу четирите најдобри репрезентации, но овој последен чекор секогаш е најтежок. Заедничка желба на сите е да се пласираме во А-дивизијата, би било одлично кога тоа би го сториле денеска со голема победа над Украина. Клучна ќе биде одбраната, која мора да биде на исто ниво како и на клучните дуели со Бугарија и на Велика Британија, на кои беспрекорно беше одработен овој дел од задачата“, порачуваат од македонскиот табор пред денешното полуфинале.

Се вчитува...