Младите кошаркари супериорни – Австрија замрзната на „минус 36“

Младинската кошаркарска репрезентација на Македонија извонредно го почна настапот на ЕП – Дивизија што се одржува во Грузија, во првото коло декласирајќи ја Австрија со преубедливи 90-54. Избраниците на селекторот Василев важеа за фаворити во пресрет на мечот, но никој не очекуваше дека со така доминантно издание ќе му одржат лекција на противникот, најавувајќи ги големите амбиции на овој шампионат.

Од самиот почеток стана јасно дека Македонија ќе доминира на оваа средба, „црвено-жолтите“ за нецели четири минути стигнаа до првото двоцифрено водство, а по само пет минути игра веќе имаа постигнато 20 поени. Шутот од далечина функционираше беспрекорно, првата четвртина заврши со предност на нашиот состав од 33-14, а позитивата продолжи да расте и во вториот период, па на одмор се замина со двојно повеќе постигнати поени од противниците (52-26).

Селекторот Василев јасно стави до знаење дека нема да дозволи опуштање, па Македонија максимално ангажирано ги одигра и преостанатите 20 минути од овој премиерен меч, на крајот триумфирајќи со преубедливи „плус 36“. Удобната предност овозможи сите кошаркари да добијат шанса, а во најефикасни во нашиот табор беа Миловановиќ со 15 поени, Савиќевиќ со 13 поени и 9 асистенции и Данаиловски со девет поени.

Македонските младинци немаат многу време за одмор бидејќи веќе утре со почеток во 14.45 часот ќе го играат својот втор меч во Тбилиси, а ривал ќе им биде селекцијата на Шведска која денеска го совлада Косово со 81-69.

Се вчитува...