Младите „штркчиња“ подготвени за првиот триумф во сезоната – гостува Академија ФМП

Прволигашката кошарка се враќа во етерот овој викенд со четири натпревари од Првата лига, од кои првиот ќе биде одигран во „Јане Сандански“ каде ќе се сретнат младите тимови на МЗТ Скопје Уни Банка и Академија ФМП.

Младите „штркчиња“ се без натпревар речиси месец и половина и се уште чекаат на првенец меѓу најдобрите екипи во Македонија, но избраниците на Боро Даскаловски по дозата на тренинзи се спремни за надмудрување против квалитетниот состав од Кисела Вода.

„И покрај тоа што имавме само неколку дена да се подготвиме на натпреварот се надеваме на победа. Подготвени сме и мотивирани за денешниот дуел на кој ќе се бориме до крајот. Играме против екипа која може да победи секого, имаат добар тренер, но и ние сме во полн состав и добро сме воиграни“ – изјави центарот на „сино-белите“, Леонид Тодоровски.

Серијата од три победи еднопoдруго на Академија ФМП заврши на дуелот против Пелистер во заостанатиот натпревар кој беше одигран во средата, но и покрај малиот период за рехабилитација избраниците на Петровиќ се подготвени за ново надмудрување и враќање на победите.

„После тешкиот пораз од Пелистер, имаме нова шанса веќе во наредното коло против екипата на МЗТ Скопје Уни Банка да го поравиме лошиот впечаток. Доколку го одиграме договореното и тоа што го трениравме, се надевам на позитивен резултат и покрај тоа што играме против екипа која долг период е без првенствен натпревар“ – изјави бекот на тимот од Кисела Вода, Лука Стојановски.

Се вчитува...