Мојсовски: Досегашниот ваучерски систем е модифициран, фантастични 10 милиони евра ќе влезат во спортот

Директорот на АМС, Наумче Мојсовски кажа дека со Законот за спорт досегашниот ваучерски систем, со кој им се помагаше на клубовите, е модифициран, и на поинаков начин ќе им се помага на клубовите, федерациите и спортистите.

Мојсовски кажа дека фантастични 10 милиони евра ќе влезат директно како финансиска поддршка за спортот, а ќе имаат можност да ја користат оние кои ги исполнуваат условите, односно ќе се избегне секаков сомнеж и злоупотреба на средствата.

„Горд сум што можам да кажам дека фантастични 10 милиони евра ќе влезат директно како финансиска поддршка за клубовите, федерациите, спортистите. Оваа историска сума која ја потврдува заложбата на АМС за унапредување на македонските национални федерации, спортски клубови и спортисти. Тоа што го ветивме, го остваруваме. Заедно со министерството за правда го модифициравме досегашниот систем т.н. ваучерски систем, и стигнавме до директни државни субвенции, пари кои ќе се слеваат во спортските субјекти. Со ова се отстрануваат сите сомнежи, и злоупотреби во самата процедура, и финасисксите средства се ставаат на располагање на спортските субјекти кои го сакаат спортот. Сите кои ги исполнуваат критериумите ќе имаат финансиска помош. Од самиот старт АМС заедно со владата почна револуционерни промени во спортот, со цел да ги поддржиме клубовите, федерациите и спортистите. До сега поддржавме 20.000 спортисти. И понатаму остануваме искрени партнери на спортистите, клубовите и федерациите“, рече Мојсовски.

Свое видување за измените во Законот за спорт даде и заменичката министерка за правда, Викторија Аврамовска-Мадиќ.

„Со новиот закон за спорт покажавуме дека се грижиме за спортот. Законот беше предложен од министерството за правда, и беше одобрен во Собранието. Агенција за млади и спорт беше задолжена да најде субвенции за поддршка на спорт, со што средствата ќе бидат директно слеани во спортските субјекти. Досегашниот ваучерски систем, кој се реализираше преку данокот на добивка на компаниите, кои на своја волја одлучуваа дали ќе реализираат спортски ваучери. Досегашниот систем беше означен како можност за корупција, и затоа требаше да се промени. Според новиот закон ќе има обезбедување на финансиски поттикнувања по основ на државна помош за спортските федерации, клубови, активни спортисти од олимписки и неолимписки спортови, и други субјекти кои имаат учество на подигнување на спортот“, изјави Аврамовска-Мадиќ.

Се вчитува...