Мојсовски: Целосно ги отфрлам обвинувањата, ова е само хајка за мое заплашување пред парламентарните избори

Јавното обвинителство денеска отвори случај против челниците на Агенцијата за млади и спорт околу злоупотреба на средства што државата ги доделува во спортот преку ваучер-системот.

Истрагата трае веќе подолго време по извештаите на Државната комисија за спречување корупција, која тврдеше дека има докази за злоупотреба од страна на директорот Наумче Мојсовски и неговите блиски соработници, како и поранешниот директор на АМС, Дарко Каевски.

По протекот на информацијата за предлог обвинението во јавноста, се огласи и Мојсовски кој во својата објава на социјалните мрежи целосно ги отфрли обвинувањата, нагласувајќи дека истите се само алатка за заплашување пред вториот круг претседателски и парламентарни избори.

„Целосно ги отфрлам обвинувањата против мене како директор на Агенција за млади и спорт за евентуална злоупотреба во мојата работа во однос на ваучер системот. Ги сметам за тенденциозни “мистериозно” протечените информации во јавноста, очигледен е и тајмингот и намерата. Очекувам транспарентна постапка во која моите тврдења целосно ќе се потврдат, а ќе докажат дека токму оваа хајка во јавноста против мене е само алатка за заплашување пред вториот круг претседателски и парламентарни избори“ – вели Мојсовски, притоа дополнувајќи:

„Моето име е изградено од вредна работа и огромен придонес за македонскиот спорт. Како спортист роден во мал град, Струга, отсекогаш сум работел чесно и вредно се со цел унапредување и зајакнување на домашниот спорт. Со гордост сум ги бранел боите на Македонија и со гордост работам на поддршка на сите македонски спортисти. Македонија е демократска држава и како таква функционира во изминатите 7 години, кога заплашувањата, уцените и јавните лични линчувања се минато“.

Се вчитува...