МОК бара федерациите да се усогласат со меѓународните организации, АМС не знае што е спорно со Законот за спорт

Македонскиот олимписки комитет бара од Националните спортски федерации најдоцна до 18. месецов да ги достават статутите кои треба да бидат усогласени со насоките дадени во неколкуте дописи од Интернационалниот олимписки комитет. Федерациите треба да ги синхронизираат статутите со матичните меѓународни институции затоа што како што проценува ИОК, поради усогласувањето со законот за спорт кој е на сила во државава, се надвор од регулативата која ја пропишуваат ИОК и интернационалните асоцијации.

ИОК предупредувал веќе неколку години, но во април годинава во допис бара македонските федерации да ги усогласат статутите со матичните меѓународни институции во кои членуваат, а на крајот од септември е испратено и последното предупредување во кое алармантно се предочува дека ако не бидат направени корекциите, ИОК може да го повлече признавањето на Националниот олимписки комитет.

Ова засега е единствениот и половичен епилог од ситуацијата во која се најде македонскиот спорт и поради која претседателот на МОК, Васил Тупурковски бараше итна средба со премиерот Зоран Заев. МОК со дописот до федерациите практично ја продолжува процедурата иницирана од Интернационалниот олимписки комитет.

Останува прашањето за промена на Законот за спорт. На ова исто така инсистира ИОК кој вели дека законското решение треба да биде „доволно флексибилно“ за да им овозможи автономија на федерациите. Институцијата која би требало да ја покрене процедурата е Агенцијата за млади и спорт. Од таму пак велат дека не е јасно кој дел од законот треба да биде променет.

„Агенцијата на млади и спорт е подготвена на соработка. Ние имавме и состанок со МОК, подготвени сме да ја потпишеме декларацијата која треба да ни ја достави Македонскиот олимписки комитет, но за промена на законот треба некој да ни каже каде треба да бидат направени корекциите. Кои членови се спорни и зошто“ – вели за ЕКИПА, директорот на АМС, Дарко Каевски.

 

 

 

Се вчитува...