Во крајно тензична атмосфера минува почетокот на Изборното Собрание на МОК, на кое треба да биде избран наследникот на Васил Тупурковски на чело на Македонскиот Олимписки Комитет, функција за која кандидати се Александра Војнеска – Зикова и Даниел Димевски. По вчерашниот обид за елиминација на Војнеска – Зикова од претседателската трка, актуелното раководство на МОК било предупредено од ИОК дека станува збор за валидна кандидатура која мора да биде дел од изборниот процес на денешното собрание.
Главната дилема на почетокот од Собранието е верификувањето на федерациите кои се со право на глас, при што главната дилема е дали треба да се почитуваат законите на Р. Македонија или пак да гласаат оние кои се признаени од ИОК. Конкретно, оние првите инсистираат федерациите кои немаат решение за вршење на дејност спорт да не гласаат (се однесува на федерациите за пливање и за стреличарство), додека актуелното раководство инсистира право на глас да имаат оние федерации што според МОК се признаени од ИОК.
„Ова треба да биде свечен чин. Сериозно треба да се подготви ова собрание, да се формира тело. Треба двата кандидата да бидат присутни во тие тела и ке бидат разграничени сите недоумици. Не можам да судам дали е меродавен ИОК, АМС или нашето судство. Органите што се во Македонија треба да се произнесат и дадат суд и толкување за сите спорни моменти. Ние може само да се гледаме како непријатели и да се замериме еден со друг. АМС и судот се институции кои треба да ни дадат кои се членови“, изјави претседателот на Одбојкарската Федерација на Македонија, Петар Јовановски.
Сепак, повеќе од јасно е дека препукувањата ќе продолжат, а во скоро време нема да се пристапи кон гласање на нов претседател.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА