МОК: Во услови на нула денари помош од АМС, во целост ги финансираме спортистите и федерациите

Македонскиот олимписки комитет го објави кварталниот извештај. Од МОК велат дека и покрај тоа што немаат помош од Агенцијата за млади и спорт, сепак, во целост ги покриле сите трошоци за подготовката на кандидатите за Олимписки игри.

Соопштението околу кварталниот извештај ви го пренесуваме во целост:

„Во услови на 0 (нула) денари финансиска поддршка од страна на Агенцијата за млади и спорт, во Олимписка и пред олимписка година, МОК во овој период успеа во целост да ги финансира акциите на најдобрите македонски спортисти и Национални спортски федерации, соглaсно својата Олимписка програма.
– Во целост е реализирана програмата Олимписки стипендии ПАРИЗ 2024, со навремена исплата на финансиските средства од оваа програма на сметка на спортистите и на Националните спортски федерации;
– МОК со дополнителни финансиски средства целосно застана и зад програмата на Дарио Ивановски и на најдобрите македонски таеквондисти (учество на квалификации за Олимписки игри Париз 2024), но и на другите Олимписки кандидати за да обезбеди нивно учество на Олимписките игри Париз 2024;
– МОК во целост финансиски го покри и учеството на најдобрите македонски борачи на квалификациите за учество на Олимписките игри (Баку, Азербејџан), активност која требаше и мораше да биде заедничка обврска на Боречката федерација на Северна Македонија, MOK и Агенцијата за млади и спорт на РСМ;
– МОК во целост финансиски го покри и учеството на најдобрите македонски пливачи на Светското првенство во пливање кое се одржа во Доха, Катар;
– МОК во целост финансиски ги покри подготовките, но и учеството на боксерот Бобан Илиоски на Олимпискиот квалификационен турнир во Милано, Италија, а МОК во целост финансиски ќе ги покрие и неговите подготовки, но и учеството на вториот Олимписки квалификационен турнир во Бангкок, Тајланд;
– МОК во целост ја финансира и едукацијата на најдобрите македонски тренери во спортско стрелаштво, не само во насока на учество на најдобрите спортисти и спортистки од спортско стрелаштво на ОИ Париз 2024 туку и за подготвување на најдобрите македонски млади спортисти за нивното учество на Европските младински Олимписки игри Скопје 2025;
– МОК во целост ја финансираше и едукацијата на најдобрите македонски тренери во Борење, проект кој беше обезбеден за потребите на Боречката федерација на Северна Македонија, а во партнерство со Обединетото Светско Борење и ИОК;
– МОК финансиски го покри и учеството на најдобрите млади спортисти на Младинските Олимписки игри ГАНГВОН 2024 (пат, транспорт на спортска опрема и друго)
– МОК во целост ја финансира и едукацијата на најдобрите македонски тренери во тенис за да се стекнат со лиценца ИТФ ниво 3;
– МОК финансиски ги помогна најдобрите македонски пливачи кои ќе учествуваат на Светското првенство во Грац, а обезбеди и транспорт за нив и нивно непречено учество на ова натпреварување;
– МОК финансиски го помогна и учеството на најдобрите македонски спортисти во едрење, велосипедизам, гимнастика, мачевалство, триатлон и други спортови да учествуваат на меѓународните натпревари во организација на соодветната Меѓународна спортска федерација.
МОК и понатаму ќе продолжи финансиски и логистички да ги помага најдобрите македонски спортисти, јуниори и јуниорки, сениорки и сениори, не само да обезбеди нивно учество на ОИ Париз 2024, туку истите да ги подготвува за нивното идно учество на Европските младински Олимписки игри Скопје 2025, Европските игри Истанбул 2027, зимските Олимписки игри Милано-Кортина 2026 и летните Олимписки игри Лос Ангелес 2028!“, стои во објавата на МОК.

Се вчитува...