Можат ли ракометарките преку Кишварда до Скандинавија?

Женската ракометна репрезентација на Македонија денеска ќе го одигра реванш натпреварот против Украина на неутрален терен во унгарска Кишварда во бараж двомечот за пласман на Светското првенство кое на крајот на годинава ќе се игра во Норвешка, Данска и Шведска.

Ракометарките иако загубија во првиот натпревар одигран во саботата во Скопје (22-24) на крајот мора да бидат задоволни од конечниот резултат бидејќи во еден момент имаа и минус седум (2-9).

„Домашниот терен создава голем притисок, навистина треба да се види. На гости играме подобро. Многу лошо, слабо во одбрана и напад, слаб ефект на голманите во првото полувреме. Не можеше да се види дека сме работеле добро. За разлика од вториот дел кога одигравме подобро, кога се виде дека младите играчи може многу да дадат. Се надевам дека на реваншот во Унгарија каде што ќе играме ќе бидеме подобри. Разликата во квалитет не е голема“, вели Савевски. 

Слично размислува и капитенот Ѓоргиевска…

„Ако одиграме како што го одигравме второто полувреме. Имаме минус, не искористивме на домашен терен да направиме разлика. Но не се предаваме, и ќе го дадеме максимумот за да одиме понатаму. На полувремето се договоривме да бидеме поконцентрирани и да не правиме толку грешки. Дисциплинирано влеговме во вториот дел и направивме се што можеме да го вратиме резултатот во нормала“, рече Ѓоргиевска.

Натпреварот кој ќе се игра во унгарска Кишварда е со почеток во 17 часот.

Се вчитува...