Мукаетов: Некои играчи мислат дека имаат монопол во репрезентацијата…

Претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов, не штедеше критики на адреса на ракометарите, навраќајќи се на срамниот пораз од селекцијата на Грција претрпен во квалификациите за ЕП 2020.

„Да бидам искрен, ова ми е втор најболен пораз откако сум претседател на РФМ, по оној во Гдањск во предолимписките квалификации од селекцијата на Тунис. Да се случува да одите по улица и да ве обвинуваат за најразлични работи, кога сте обезбедиле се што можете да обезбедите, а да слушате најлоши работи, тоа е најголемо дно што ете јас за жал го доживеав. Порази се случуваат, но кога настапувате за држава треба да се борите до крај, до последна капка пот, а ние не го видовме тоа од нашите репрезентативци“ – дециден беше првиот човек на македонскиот ракомет.

Тој најави дека до крајот на годинава ќе се водат сериозни разговори со сите репрезентативци, се со цел проблемите да бидат надминати, а Македонија на СП во јануари 2019 да заигра на највисоко ниво.

Се сложувам со тоа што многумина од вас го потенцираа, дека за првпат откако сум претседател видов недисциплина, очигледно незалагање, слободно можам да кажам и злоупотреба на монополот што некои ракометари сметаат дека го имаат на својата позиција. Проблемите ни се јасни, но ние сме подготвени да сториме се за да ги решиме. Кога репрезентацијата ќе се комплетира ќе седнеме на маса и ќе се погледнеме во очи, ќе дискутираме за сите проблеми и верувам дека ќе оставиме се зад себе и дека на СП во Германија ќе донесеме радост на целокупната македонска јавност“ – оптимист е Живко Мукаетов.

Македонската репрезентација во скратен состав ќе почне со подготовките на 19 декември, а официјалниот собир е закажан за 24 декември. Поради клупските обврски на дел од репрезентативците, националниот тим ќе се комплетира дури на 28 декември. Првата фаза од подготовките за СП завршува на 31 декември, а по малиот одмор за празниците, ракометарите повторно се собираат на 2 јануари. На 4 и на 5 јануари во Скопје ќе одиграат два контролни натпревасри со репрезентацијата на Србија, а на 9 јануари патуиваат на СП во Германија.

Се вчитува...