Мукаетов: Победа против Грција ќе го отвори патот за младите

ЕКИПА во Кожани,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски

ФОТО: Роберт Спасовски

Максимално сериозен пристап, сигурна игра и победа се очекува вечерва од машката ракометна репрезентација на Македонија во дуелот со Грција во Кожани, во второто коло од квалификациите  за ЕП 2020 година. Македонија има два бода од првиот меч со Турција и улога на фаворит во денешниот дуел, која треба да се ефектуира со нова победа и максимален учинок на стартот од овие квалификации. Со тоа ќе се осигура настапот на македонските ракометари на уште едно европско првенство и се отвора пат за помладите генерации, потенцира претседателот на Ракометаната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, кој како и на секој друг настап и овој пат ги придружува  и дава силна поддршка за македонската репрезентација

„Максимално сериозно треба да влеземе во натпреварот. Ако нашите репрезентативци дадат максимум очекувам дека треба да го добиеме натпреварот. Но, најважно е да се влезе максимално сериозно, воопшто да не се потценува противникот, да се даде се од себе  и да се игра тимски. Ако биде така, верувам дека може да  бидеме оптимисти дека ќе го добиеме натпреварот. Тоа ќе значи веќе речиси сигурен пласман на Македонија на Европското првенство во 2020 година, што пак ќе овозможи  после и да се вклучуваат во репрезентацијата и други играчи од помладите генерации. И да може многу повеќе  во наредните четири натпревари тие да го стегнат потребното искуство. Затоа, според мене,  многу е важно да се добие овој натпревар. Тогаш сме во добра позиција од тој аспект“ – вели Мукаетов.

Поради актуелните политички збиднувања, за денешниот квалификациски натпревар во Кожани се преземени посебни безбедносни мерки, нема влезници во продажба и во салата ќе бидат присутни само официјални претсатвници од макеоднската и од грчката ракометна федерација, претставници на локалната власт и акредитирани новинари. На неколку часа пред почетокот на мечот, работите се одвиваат според планот.

„По она што ние имаме информации, треба се да помине во најдобар ред. Но, ајде, да видиме како ќе биде, што ќе биде. Во тој организациски сегмент многу малку работи зависат од нас. Треба домаќинот најпрофесионално да си го организира натпреварот и да биде се во ред“ – истакнува Живко Мукаетов.

Дуелот меѓу Грција и Македонија е со почеток во 16 часот.

Се вчитува...