Мурињо е бесен – ќе брка десет фудбалери од „Олд трафорд“

Манчестер јунајтед има уште една слаба сезона, а впечатокот нема да ссе промени ниту доколку „ѓаволите“ стигнат до титулата во ФА Купот на Англија. Медиумите жестоко го напаѓаат Жозе Мурињо, а португалскиот стратег е подготвен вината да ја префрли врз фудбалерите и да направи огромна „чистка“ со која би отворил простор и за нови врвни засилувања на „Олд трафорд“.

Како што јавува весникот „Мирор“, Манчестер јунајтед се подготвува да се раздели од дури десетмина првотимци, откако голем дел од нив не ги оправдале неговите очекувања.

Мајкл Карик веќе најави дека на крајот од сезонава ќе се пензионира, а покрај него од Манчестер ќе си заминат и Ибрахимовиќ и Фелаини, на кои договорите со „ѓаволите“ им истекуваат на 30 јуни.

Прв на листата на оние на кои Мурињо нема да смета е левиот бек Лук Шо, кој премногу ретко добива шанса, а и кога ќе се појави во првиот тим најчесто е заменуван (на саботниот ФА Куп дуел со Брајтон веќе во 45. минута). Матео Дармијан сезонава речиси и да не настапува и веќе е подготвен за камбек во Италија (како најсериозна опција се споменува Јувентус), а Јунајтед ќе чека понуди и за Дејли Блинд, уште еден играч кој лани настапуваше често, а сезонава е залепен на клупата за резерви.

Антони Марсијал одбива да потпише нов договор, па ако се знае дека актуелниот му истекува за една година, јасно е дека „ѓаволите“ летово ќе го продадат за да заработат на неговиот трансфер. Меѓу оние од кои Мурињо е разочаран се споменува и дефанзивецот Крис Смолинг, како и Андер Ерера.

Десетти на листата е најскапиот од сите, Пол Погба, но „ѓаволите“ ќе имаат проблем бидејќи ниту еден од врвните европски клубови не би платил 120 милиони евра за Французинот.

Ако сите овие најави се реализираат, јасно е дека Мурињо би направил огромен ремонт, но сигурно потоа и би инсистирал на неколку врвни засилувања. Желба на Португалецот за лев бек е Дени Роуз од Тотенхем, се подготвува и понуда за уште еден играч на „спарси“, Тоби Алдервирелд, кој станува слободен играч летово, а „специјалниот“ би сакал на „Олд трафорд“ да ги види и своите поранешни фудбалери, Герет Бејл од Реал Мадрид и Вилијан од Челси.

Се вчитува...