Мурињо: Го прашав Дејан дали се сеќава на неговиот „брутален“ гол?! (ВИДЕО)

Тренерот на Рома, Жозе Мурињо изјави дека го прашал Дејан Станковиќ дали се сеќава на „бруталниот“ гол што го постигна на стадионот „Луиџи Ферарис“ во Џенова. Пред 13 години Србинот постигна гол со волеј удар од половина терен за Интер против Џенова.

Дејан и Жозе своевремено работеа заедно во клубот од Милано, а синожа се најдоа на спротивните страни откако Станковиќ седна на кормилото на Сампдорија. Рома победи со 1-0 во 10. коло во Серија А, учителот го надигра поранешниот ученик, но го пофали на прес-конференцијата по натпреварот.

„Задоволен сум и од играта и од резултатот. Заслужена победа за која сум многу среќен. Славевме против екипа која гореше за секоја топка во текот на целиот натпревар. Му праќам прегратки на Станковиќ, тој е посебно момче“, изјави Мурињо, а пренесуваат италијанските медиуми.

Португалецот на новинарите им откри што му рекол на Дејан при пријателската прегратка пред дуелот.

„Не знам дали можете да погодите што му реков … Го прашав дали се сеќава на тој брутален гол што го постигна овде“, изјави Жозе.

Жозе Мурињо беше тренер на Дејан Станковиќ во Интер од 2008 до 2010 година, а нивната соработка вроди со плод бидејќи италијанскиот клуб ја освои тројната круна во 2010 година – италијанско првенство, Купот на Италија и Лигата на шампионите.

 

Се вчитува...