Мурињо го пушта Де Хеа, но за возврат го бара Бејл

Жозе Мурињо нема да прави проблеми при заминувањето на Давид де Хеа од Манчестер јунајтед, но за возврат ќе побара и огромна услуга од Реал Мадрид – да добие зелено светло за на „Олд трафорд“ да го доведе Герет Бејл. Велшкиот ас веќе две години е голема желба на најтрофејниот англиски клуб, но Реал не сакаше ни да чуе за продажба на овој фудбалер.

Сепак, ситуацијата сега е поинаква, Бејл повторно имаше огромни проблеми со повредите, а во меѓувреме во топ-форма влегоа и Иско и младиот Асенсио. Ако на ова се додаде дека „кралевите“ подготвуваат офанзива и за Еден Азар, кој дејствува како крилен офанзивец, исто како и Бејл, јасно е дека Флорентино Перез и Зинедин Зидан не би имале ништо против да го продадат своето најскапо засилување доколку добијат интересна понуда за неговите услуги.

Тука на сцена се очекува да стапи токму Мурињо, кој е подготвен да плати 50 милиони евра, плус Давид де Хеа, за да го доведе Бејл на „Олд трафорд“. Во ситуација кога Вејн Руни и Златан Ибрахимовиќ се наоѓаат на излезната врата, португалскиот стратег верува дека Бејл заедно со Антоан Гризман и со младиот Рашфорд би создале напаѓачко трио со кое „ѓаволите“ во следната сезона ќе атакуваат и на титулата во Премиер-лигата.

Се вчитува...