Муслиу: Никој од нас не мисли на одмор кога се игра за репрезентацијата, и покрај напорната сезона!

Незаменливиот во одбраната на македонската репрезентација Висар Муслиу верува дека Македонија, како и на мартовскиот собир, ќе одигра квалитетни натпревари и сега на стартот на Лигата на нации која ќе ја почне со победа.

„По оние два одлични натпревари против Италија и Португалија во баражот за СП, нормално дека сакаме продолжување на добрите игри и сигурно желбите се да ја стартуваме Лигата на нации со победа“ – вели Муслиу и дополнува:

„Новите повици од селекторот секако на сите нас ‘староседелците’ ни дава дополнителна самодоверба. Нормално секогаш се добредојдени освежувања во тимот така да сигурно и новите репрезентативци верувам дека веднаш ќе се вклопат. Ние претходно докажавме дека може да играме буквално против секој противник, па знам дека добро ќе се подготвиме и за овие натпревари против Бугарија, Грузија и Гибралтар. Максимално сме фокусирани на тоа што сега не очекува, без разлика на напорните сезони кои сите ги имавме. Никој од нас не мисли на одмор кога се настапува за репрезентацијата, и покрај тоа што овие натпревари доаѓаат по крајот на сезоната.“

Македонија првиот натпревар од новата сезона во Лигата на нации го игра против Бугарија на гостински терен на 2. јуни во Разград. Следниот меч е против Гибралтар на гости на 5. јуни, а потоа следат дуелите во Скопје, против Грузија (9. јуни) и со Гибралтар (12. јуни).

Се вчитува...