МЗТ е во финалето, Работнички немаше одговор за извонредниот Војдан Стојановски

МЗТ Скопје е првиот финалист во Купот на Македонија откако вечерваславеше во пресметката против Работнички со 81-76. Аеродромци доминираа во голем дел од мечот, „црвено-белите“ успеваа да се вратат, но не и да го свртат резултатот во своја полза. На крајот, пресуди класата на Војдан Стојановски откако големиот ас одигра уште еден меч за паметење, со 18 поени, осум асистенции и шест украдени топки носејќи го МЗТ кон мечот за одбрана на трофејот.

МЗТ Скопје фуриоџно го отвори полуфиналето поведувајќи со 7-0 по нешто помалку од две минути игра пред Рикиќ да ги постигне првите поени за Работнички. „Центарци“ набрзина се рехабилитираа, па со поените на Трајс веќе во 5. минута стигнаа до првото водство на мечот (11-12). Танасковиќ реализираше два напада во серија и „металците“ се вратија во водство (16-14), по што МЗТ ја задржа предноста до крајот на првата четвртина (26-22).

Војдан Стојановски доби заслужен одмор на стартот од вториот период, но МЗТ во тие моменти покажа апсолутна немоќ во нападот, а Работнички го презеде водството (26-28). МЗТ имаше одговор, штом се вратија стартерите „металците“ се вратија во ритам и набрзина поведоа со 35-30, принудувајќи го Самарџиев да побара нов тајмаут. Аеродромци дојдоа до 37-30, Работнички се приближи на само еден поен негатива, но следеше нова серија на „металците“ за водство од 43-38, откако Делалиќ и Танасковиќ умешно реализираа во рекетот. До крајот на полувремето ниту еден од тимовите не успеа да постигне кош, па на одмор се замина со водство на МЗТ Скопје од 43-38.

Второто полувреме почна со тројка на Војдан Стојановски на едната, потоа и реванш на Стојан Ѓуроски на сротивната страна. Шоуто на Војдан продолжи со две нови реализации, за најубедливо водство на МЗТ од 50-41. Стојановски потоа имаше и украдена топка, по која МЗТ тргна во контра и преку Танасковиќ реализираше „два плус еден“, за предност на бранителот на трофејот од 55-43 и нов тајмаут на стручниот штаб на Работнички. „Центарци“ експресно се вратија, па со реализациите на Ѓуроски (два плус еден) и Трајс (тројка) дојдоа на „минус четири“. Атанасов задоцни со тајмаутот, Ворку промаши уште еден шут, па Стајиќ со тројката на спротивната страна намали на само еден поен разлика (56-55) и минута одмор што ја побара тренерот на МЗТ. По тајмаутот во игра се врати Војдан Стојановски, повторно проработе нападот на МЗТ и разликата скокна на 63-55, за третата четвртина да заврши со 67-60, откако Декоси погоди тројка од сопствената половина.

Аеродромци се соочија со проблем, не само што Работнички намали на 67-62, туку Војдан Стојановски ја заработи и четвртата лична грешка. Слабата реализација во нападот го принуди Атанасов да ризикува и да го врати Војдан на теренот на шест минути до крајот, при резултт 70-67. МЗТ не искористи напад при 77-73, по што Работнички се врати и намали на 77-76 на сто секунди до крајот. Баковиќ имаше важна блокада при обид за шут на Трајс, по што Дамјан Стојановски погоди важен шут за 79-76 на 45 секунди до крајот. Самарџиев побара тајмаут, но Ѓуроски ја промаши тројката за израмнување, по што беше направен брз фаул врз Ворку. Американецот на МЗТ ги погоди двете слободни фрлања, Работнички промаши два шута до крајот и „металците“ заслужено го добија овој меч со 81-76.

Војдан го заврши мечот со 18 поени, четири скока (три од нив офанзивни), осум асистенции и шест украдени топки, 18 поени реализираше и Танасковиќ, додека Ворку и Дамјан Стојановски постигнаа по 12 поени во овој триумф на МЗТ Скопје. Кај Работнички најефикасни во вечерашниот пораз беа Трајс со 20 и Декози со 19 поени.

Во второто полуфинале вечерва од 19.30 часот се среќаваат екипите на Пелистер и Еуро Никел.

Се вчитува...