МЗТ не дозволи ново изненадување во Аеродром

МЗТ Скопје им се врати на победите откако во заостанaтиот натпревар од четвртото коло славеше на домашен терен против новалијата ТФТ со 91-78. Клучна на натпреварот беше одбраната на „сино-белите“ во последната четвртина кога преку агресивната одбрана избраниците на Кочов го нарушија напаѓачкото темпо на „црно-белите“, го лимитираа противникот на 16 постигнати поени, а возвратија со 29 и заслужено стигнаа до триумфот.

Двата тима го започнаа натпреварот со агресивна одбрана по целиот терен на која наоѓаа решение во нападот. Во високата реализација кај двата тима, иницијативата прв ја превзема МЗТ Скопје кој преку подобрата реализација за три поени и добрата игра под противничкиот рекет, како и добрата одбрана под својот рекет на крајот на првата четвртина имаше предност од 30-19. Моментумот кај избраниците на Кочов продолжи и на почетокот на втората четвртина, па „сино-белите“ стигнаа и до +16 (37-21) во 14. минута од дуелот, меѓутоа домаќините во истата минута го исполнија и бонусот па мораа да го намалат високиот интензитет во одбраната. Тоа го искорист ТФТ кој преку „пресингот“ низ целиот терен го наруши напаѓачкиот ритам кај домаќините, во чии редови опадна реализацијата, а го искористија со брза игра на спротивната страна од која лесно постигнуваа поени. Гостинот одигра добро под својот рекет, не дозволи лесни поени, ги користеше грешките на „штрковите“ па веќе на полувремето го изедначи резултатот (43-43).

Одбраната беше во преден план на почетокот на второто полувреме, а прв се наметна составот на ТФТ преку шутот за три поени. МЗТ Скопје се одржуваше во игра благодарение на скокот во напад, а добриот ритам под обрачот продолжи со поени на високите играчи па по 30. минути игра на семафорот стоеше изедначен скор (62-62). Изедначениот натпревар продолжи и во одлучувачката четвртина, удвојувањето на високите играчи на МЗТ Скопје под обрачот на ТФТ го примора домашниот состав на шут од далечина каде одговори капитенот Стојановски, нему му се приклучи и Крстевски па „сино-белите“ поведоа со 78-72. Добрата одбрана на МЗТ Скопје над клучните играчи на ТФТ ги примора „црно-белите“ да бараат алтернатива во нападот, а помладите играчи не одговорија на предизвикот. „Штрковите“ го затворија рекетот, ги користеа грешките на противникот па дополнително ја зголемија разликата, која стана двоцифрена (84-74) на 125 секунди пред крајот на средбата. Искусниот состав од Аеродром до крајот на мечот одигра рутински и не дозволи враќање на новалијата.

Убедливо најдобар во победничкиот тим беше Дамјан Стојановски со 30 постигнати поени, дополнети и со седум скока, а Крстевски и Магдевски дополнија со по 13 постигнати поени. Магдевски дополни и со девет скока и пет асистенции. Во редовите на ТФТ се издвои Смит со феноменален „дабл-дабл“ ефект од 18 поени и дури 16 скока. „Дабл-дабл“ запиша и Тајрон Харис со 16 поени и 10 асистенции.

 

Се вчитува...