МЗТ Скопје го знае лекот за гостиварци

МЗТ Скопје ја продолжи победничката серија под водство на новиот тренер Александар Петровиќ, триумфирајќи на гостувањето против Гостивар со резултат 68-77. Гостиварци силно мотивирани влегоа во овој меч, но „металците“ одиграа беспрекорно, беа на висина на задачата во фазата на одбрана, додека во рекето максимално ја искористија височината на Рикиќ, трасирајќи си го патот кон победата. Следен предизвик за „сино-белите“ од скопски Аеродром е „балонот“ во АБА2 лигата во Широки Бријег, каде ќе се борат за што подобар пласман пред завршниот турнир во регионалното натпреварување.

Гостиварци подобро го отворија натпреварот, па предводени од искусниот Јанески стигнаа до рано водство од 11-4. Тајмаутот на Петровиќ промени многу работи во играта, МЗТ преку Милошевиќ израмни на 16-16, а потоа гостите од Скопје беа подобар противник до крајот на четвртината, завршувајќи го стартните десет минути со водство од 20-24, со поените на гостиварецот Дилард со звукот на сирената. Ова беше само најава за уште подобро издание на аеродромци во вториот период, во кој Рикиќ максимално ја искористи својата височина во рекетот, па МЗТ на одмор замина со убедливо водство од 35-48.

Одбраните беа на повисоко ниво во голем дел од третата четвртина, МЗТ Скопје имаше најубедливи „плус седумнаесет“ (40-57), но Гостивар заигра нешто подобро во завршницата на четвртината и со тројката на Ворку со звукот на сирената намали на 12 поени разлика (52-64). Домаќините немаа сили за целосен камбек, гостите од Скопје знаеја како да го исконтролираат резултатот. Петровиќ побара тајмаут при водство од 59-69 на половина од последната четвртина, а аеродромци рутински го приведоа мечот до крај, славејќи со конечни 68-77.

Центрите Рикиќ и Милошевиќ беа најефикасни во таборот на актуелниот шампион со по 18 поени, Војдан Стојановски имаше 14 поени и 7 асистенции, додека први стрелци на Гостивар беа Ворку со 21 и Ефремовски со 14 поени.

Се вчитува...