МЗТ Скопје и Куманово во битка за првиот трофеј сезонава во мак-баскетот

Новата натпреварувачка сезона во македонската кошарка официјално ќе биде отворена вечерва со натпреварот во Суперкупот на Македонија „Драган Василов – Цевка“, во кој ќе се среќаваат МЗТ Скопје Аеродром и Куманово.

Бидејќи тимот од скопската населба во сезоната 2025/2026 ги освои и шампионската титула и Купот на Македонија, противник на актуелниот шампион ќе биде финалистот од националниот куп, екипата на Куманово.

Тренерите на двата тима Васко Атанасов и Марин Докузовски говореа за натпреварот кој ги очекува денеска…

„Mислам дека со ростерот што го имаме сега можеме да одговориме на предизвикот и густиот распоред кој е пред нас во наредниот период. Веќе в сабота го играме првиот меч против Куманово од Суперкупот на Македонија, за нас традиционално отворање на сезоната. Да, ритамот ќе биде пеколен, но имаме играчи, имаме доволен број на квалитетни играчи кои можат да одговорат на предизвиците што ќе ги носи новата сезона. Влезот во АБА1 лигата е наша голема желба и амбиција, секако одбраната на трофеите на домашната сцена е нешто што се подразбира, но тоа дефинитивно не значи дека ќе се предадеме без борба во ФИБА Европа купот, тоа е натпреварување во кое се враќаме по подолго време и ќе сториме се за да се претставиме во што подобро светло. Сигурно нема да калкулираме во европското натпреварување за да се чуваме за АБА, тоа не би одговарало на реномето на МЗТ“, истакна Атанасов.

„Нема поубава проба пред почетокот на првенството. Освен тоа, во Куманово се слави и 80 години од кошарката. Очекувам да биде спектакл, очекувам да биде полна сала. Ние сме спремни да дадеме сè од себе. А подобриот нека победи“, вели Докузовски.

Натпреварот се игра во Спортската сала во Куманово во 18 часот.

 

Се вчитува...