МЗТ Скопје ја прелета и Кисела Вода, на ред е атакот на АБА1

МЗТ Скопје го задржа стопроцентниот ефект во домашното првенство под водство на Александар Петровиќ, откако актуелниот првак славеше на гостувањето во Кисела Вода над составот на Академија ФМП со резултат 87-98. Поранешниот клуб на Петровиќ само едно нецело полувреме целосно му парираше на фаворитот, за во вториот дел МЗТ да влезе во ритам и да ја осигура новата победа, на мечот што беше увертира пред завршниот турнир од АБА2-лигата.

ФМП беше подобар ривал од МЗТ Скопје во првите пет-шест минути, кога домаќините предводени од Американецот Ајви поведоа со 18-10. Во првите шест минути од мечот домашниот состав имаше постигнато 20 поени, но аеродромци потоа ја консолидираа одбраната, па стартната четвртина заврши со минимално водство на домаќините од 27-25. Во вториот дел МЗТ заигра поквалитетно, но Академија ФМП пред се поради шутот од далечина на Лука Стојановски (три тројки во оваа четвртина) одржуваше резултатска неизвесност. Пред крајот на полувремето се разбуди и Кари, кој постигна две тројки во последната минута, по што МЗТ Скопје на одмор замина со предост од 46-54.

Гостите на стартот од второто полувреме почнаа да играат повеќе под обрачот преку Рикиќ, тактика што вроди со плод, предноста почна да расте, па аеродромци стигнаа и до најубедливи 56-74. Тренерот Петровиќ потоа повлече дел од најважните играчи во тимот, а ФМП го искористи тоа за да намали на „минус десет“до крајот на четвртината (69-79). На самиот старт од четвртиот период домашните кошаркари намалија на 74-79, но тоа беше се што можеа да сторат, МЗТ го исконтролира резултатот до самиот крај и триумфираше со конечни 87-98.

Рикиќ и Николов со по 17 поени беа главни играчи во нападот на МЗТ Скопје, додека најефикасни кај Академија ФМП беа Ајви и Тодоровски со по 16, пред Лука Тодоровски со 15 поени.

Се вчитува...