МЗТ Скопје му се реваншираше на ТФТ за поразот во финалето од Купот

МЗТ Скопје му се реваншираше на ТФТ за поразот во финалето од Купот со победа од 93-87 во натпреварот на 20. коло од Првата лига. По изедначената игра во првото полувреме, аеродромци одиграа одлично во одбраната во третата четвртина, а искусно во нападот за двоцифрена предност која беше преголем залак за „црно-белите“ и покрај тоа што во самата завршница гостите стигнаа до едноцифрена негатива.

Натпреварот започна во високо темпо на двете страна од теренот во кое први успеаја да се „одлепат“ госитите кои благодарение на добрата одбрана и продорите во рекетот поведоа со 12-16, но тајм-аутот на Петровиќ брзо ги консолидираше редовите. Николов продолжи во одлично темпо и по враќањето на паркетот па МЗТ Скопје брзо ја анулираше негативата, а со одбрана игра во рекетот успеа и да го превземе водството (27-25) по првата четвртина. Изедначениот ритам продолжи и до крајот на првото полувреме, но во поголемиот дел од втората четвртина акцентот беше ставен на одбраната. ТФТ го заштити рекетот, МЗТ Скопје ги примора бековите на реализација од поле, а и покрај тоа што двата тима повторно го менуваа водството, домаќините беа оние кои ја задржаа предноста по првите 20. минути. Најзаслужни за тоа беа браќата Стојановски кои постигнаа 17 од 26 поени на МЗТ Скопје, а „шлагот на тортата“ беше тројката на Николов од десет метра во звукот на сирената за 53-47.

Добрата одбрана на ТФТ донесе изедначување уште на самото отварање на натпреварот, но долго не траеше ниту постот на МЗТ Скопје. Аеродромци ја кренаа агресивноста на одбраната со што ги натераа избраниците на Смилковски на тешки обиди, најдоа решение и во играта во рекетот, навремено проработе и шутот за три поени па поведоа со 73-58, а негативата по 30. минути ја ублажи Сапунџиев со шут зад линијата 6,75 (73-61). Добриот ритам со акцент на добра одбрана на „сино-белите“ продолжи и од крајот на мечот, па разликата продолжи да се зголемува, а по тројката на Војдан Стојановски истата достигна највисоки +18 (81-63) со што беа решени дилемите за победник. Опуштањето во редовите на домаќините го искористија гостите кои ја зголемија агресивноста во одбрана, дојдоа до лесни поени во нападот, но немаа сили за целосен камбек па само го ублажија поразот.

Војдан Стојановски беше лидер на МЗТ Скопје со 21 поен, дабл-дабл од 18 поени и 15 скока додаде Милошевиќ, Дамјан Стојановски постигна 17 поени, а со 16 поени и 6 асистенции мечот го заврши Николов. 23 поени за ТФТ постигна Ландриус Хортон, 16 поени и 5 асистенции забележа Бишоп, додека 12 поени и 7 скока додаде Николов.

Се вчитува...