МЗТ со прв собир: Сезонава на три фронта…

Тренерот Васко Атанасов попладнево го одржа првиот тренинг, со што беше означен стартот на подготовките на МЗТ Скопје за новата натпреварувачка сезона.

Аеродромци не ја кријат желбата да стигнат до нова двојна круна во мак-баскетот, a сезонава „сино-белите“ ќе ја почнат на три фронта, па покрај домашното првенство и АБА2 лигата ќе ја претставуваат македонската кошарка во ФИБА Еврокупот.

„Амбициите, како и секогаш, се највисоки – освојување на сѐ што може да се освои на домашната сцена и борба за што подобар и подолг настап во регионалното и европското натпреварување. Особено голем предизвик ќе биде ФИБА Еврокупот, каде што се враќаме по 25-годишна пауза. До крајот на месецов ќе се тренира во Скопје, по што екипата ќе замине на тренинг-камп во Гевгелија. Во подготвителниот период се планирани и повеќе пријателски натпревари, кои ќе послужат за проверка на моментните можности и воигрување на новата сино-бела чета“, информираат од МЗТ Скопје.

На првиот тренинг се појавија лидерите на тимот и во новата сезона, браќата Дамјан и Војдан Стојановски, потоа Андреј Маслинко, Андреј Андоноски, Лука Стојановски, Никола Василевски, Петар Бошалески, Бојан Величковски, Американците Ноа Фарахан и Лесли Ворнер, српскиот интернационалец Димитрије Николиќ, Босанецот Емир Крајиниќ, како и еден од најталентираните кошаркари од нашата младинска школа, 15-годишниот Давид Петковски.

Се вчитува...