На чија серија на победи ќе и дојде крајот: Еуро Никел го брани домашниот терен од Гостивар

Првата лига денеска од 18 часот се враќа во етерот со дуелот на 14. коло во кој Еуро Никел го пречекува Гостивар. Двата тима се наоѓаат во серија на победи па оваа средба ќе биде импреатив за кавадаречкиот и гостиварскиот состав.

Триумфалната низа на избраниците на Самарџиев брои три победи едно по друго, а последниот триумф доаѓа од гостувањето кај незгодниот состав на Академија ФМП. Натпревар кој во поголемиот дел го контролираше Еуро Никел, но на крајот падот во играта го искористија домаќинте и успеаја да се изборат за дополнителни пет минути. Со поука од претходниот дуел, но и добро подготвени за денешниот противник, „сините“ ќе се обидат да ја забележат осмата победа во првенството.

„Гостивар е добра и искусна екипа со добар тренер, екипа која секој наш пропуст во одбрана може да го казни со шут од далечина, а и играат на голем број на поени. Наше е да влеземе во натпреварот мотивирано и да ги спуштиме на оптимален број на поени, и тек тогаш ќе можеме да се надеваме на поволен резултат. Во ритам сме од три победи и ќе дадеме се од себе да продолжиме по истиот пат“ – изјави Данило Мијатовиќ.

Гостинот во „Јасмин“ доаѓа по четири последователни победи во кои преовладуваше шутот за три поени. „Сино-белите“ на средбата против Пелистер постигнаа 19 тројки, па од таборот на Гостивар се надеваат дека добрата игра ќе ја пренесат и во Кавадарци.

„Во низа сме од четири победи и се надевам дека таа низа ќе продолжи и оваа недела. Знаеме кај ни е предноста против Еуро Никел и се надевам дека замисленото ќе го спроведеме на терен како што треба и дека ќе издвојуваме значајна победа. Шутот за три поена е нашето најсилно оружје и се надевам дека ќе не служи и овој натпревар како на претходните“ – изјави Ивица Димчевски.

Првиот меѓусебен натпревар оваа сезона му припадна на Гостивар кој славеше со 96-87 на домашен терен, а воедно овој триумф беше и првиот триумф за избраниците на Србиновски во новата година.

Се вчитува...