На Металург ќе му треба чудо на гостувањето во Данска

Ракометарите на Металург денеска (15.10 ч.) во Данска му гостува на Силкеборг, во последниот натпревар од 4.коло во групата Ц од Лигата на шампионите.

По трите порази во серија во ЛШ и падовите во играта што се сериозен проблем за младиот состав на Металург во првиот дел од сезоната, Данило Брестовац и неговите избраници и денеска ќе бидат на големо искушение. Ги очекува тешко гостување против многу поискусен противник со познати и реномирани ракометни имиња како Каспер Нодезбо, Михаел Кнудсен, Николај Маркусен, Себастијан Скубе, Алјоша Резнар…

На Металург ќе му треба вистинско чудо и вонсериско издание за да направи изненадување и да избори позитивен резултат против Силекборг. На македонскиот вицешампион не му оди многу во прилог ни статистиката по првите три кола. Силкеборг во првите три натпревари беше тим со најмногу постигнати голови во групата (98). Данскиот тимв ја надмина границата од 30 гола по натпревар и во двете победи, дома против Чеховски медведи (39-28) и во гости против Спортинг (32-35). Под нормата Данците бвеа само на гостувањето во Словачка на кое загубија од Татран Прешов (26-24). Најголема опасност за противничкиот гол е десното крило Јохан П.Хансен кој на дуелот со Чеховски медведи постигна дури 14 гола.

На другата страна, „металурзи“ имаат негативна статистика со најмногу примени голови (93) во првите три натпревари. На Мартин Томовски на голот денеска ќе му треба навистина добар ден и добра поддршка од одбраната на „металурзи“ за да може да се справат со опасниот напад на домаќините што пак ќе биде главне предуслов  за да се надеваат на позитивен резултат.

Во другите два натпревари од ова коло во групата Ц, победи славеа гостинските екипи. Чеховски медведи во Словачка го изненадија Татран Прешов (27-28), а Спортинг беше поуспешн на гостувањето против Бешикташ (27-33).

Се вчитува...