На прагот на Суперлига: Новајлијата Феникс ја освои Кисела Вода за десетта победа во првенството

Феникс 2010 стигна до десеттата победа во елитата на македонската кошарка откако во заостанатиот натпревар од 15. коло славеше над Ангели со 66-86. По 13. минути изедначена игра, избраниците на Дервишевиќ ја превземаа иницијативата со добра игра на двата дела од теренот, стигнаа до висока предност и го контролираа мечот до самиот крај со што стигнаа блиску до место во победничката фаза од натпреварувањето.

Двата тима се мачеа да го најдат напаѓачкиот ритам на отварањето на натпреварот, а подобрата одбрана на Феникс им донесе на гостите предност од 5-11, но тајмаутот на Митев вроди плод. Домаќините заиграа поагресивно во одбраната со што стигнаа до лесни поени на спротивната страна па на крилјата на Раме го изедначија резултатот за 18-18 по 10. минути игра. Изедначениот меч продолжи и на отварањето на вторите десет минути, а прв иницијатива ја превзема Феникс чија зонска одбрана создаде проблеми во организацијата кај Ангели, а на спротивната страна реализираше и две тројки во низа па стигна до првата двоцифрена предност (18-28). Домашниот тим се мачеше во реализацијата која беше до 25 отстотност, гостите го задржаа ритамот до крајот на полувремето па од минута во минута ја зголемуваа предноста која на крајот на првиот дел изнесуваше 27-45.

Отварањето на второто полувреме не донесе промени на паркетот. Феникс продолжи да создава предноста од високите позиции за отворени обиди и лесни поени со што дополнително ја зголеми предноста на 34-60, но Ангели возвратија со добра игра во рекетот во завршницата на третата четвртина со што направија серија од 16-3 за 47-63. Домаќините продолжија да бркаат негатива и во последната четвртина во која стигнаа и до – 15, но искусниот Трајковски со добра игра на двата дела од теренот не дозволи дополнително намалување на предноста па Феникс ја задржа контролата на мечот до самиот крај.

Двејн Морган со 30 поени и 13 скока беше убедливо најдобар поединец кај победникот, додека Бојан Трајковски натпреварот го заврши со 22 поени. Кај поразените Наумоски уфрли 18, додека Рејм заврши со два помалку.

Се вчитува...