Надал до Алкараз: Подобро откажи се од тенисот!

Карлос Алкараз се приклучи на листата тенисери кои гласно се пожалија на пеколниот распоред на турнири. Шпанецот цели четири месеци беше надвор од терените поради повреда, период што го искористи за да увиди колку е значаен одморот за врвните спортисти.

Карлос потоа додаде дека во иднина ќе зема и подолги паузи од тенисот за да биде свеж за најважните турнири, изјава што воопшто не му се допадна на Тони Надал. Легендарниот тренер на Рафаел Надал не го криеше разочарувањето што Карлос во така рана фаза од кариерата размислува за настап на што помалку турнири.

„Ако навистина се чувствува заситен од тенисот, ако му се многу турнири, тогаш најдобро нека се откаже. Точно така, нека се откаже од тенисот!. Во светот на спортот се преувеличуваат многу работи, но поентата во животот не е секогаш да го правиш само она што го сакаш. Некогаш мораш да го прифатиш предизвикот, жртвувањето исто така е дел од животот што те прави посилен. Карлос плаќа одредена цена затоа што е одличен тенисер и стигнува далеку на секој турнир, но од друга страна заработува многу повеќе од речиси сите луѓе во светот на негови години, доживува работи што милиони не можат ни да ги сонуваат, камоли да им се случат“, критичен беше Тони Надал кон својот сонародник.

Се вчитува...