Надал: Ѓоковиќ ќе мора да се вакцинира

Темата околу вакцинацијата на спортистите што ја отвори Новак Ѓоковиќ се уште е актуелна, откако Рафаел Надал му порача на српскиот тенисер дека ќе мора да прими вакцина доколку сака да се натпреварува на АТП-турнирите. Првиот светски рекет јавно изрази сомнеж дека вакцината може да помогне во борбата со Ковид-19 изјавувајќи дека вопшто не сака да биде вакциниран, предизвикувајќи лавина од реакции.

„Јас сум никој, еден од многумината со сопствен став. Секој има право на избор, дали ќе се вакцинира или не, но ако е дел од „АТП Тур“, тогаш ќе мора да се придржува до правилата. Очекувам вакцинацијата да биде задолжителна за сите, за да се заштитиме. Ѓоковиќ ќе мора да се вакцинира ако сака да игра тенис на највисоко ниво, исто како и јас и сите останати тенисери. Очекувам тоа да биде испишано како правило што сите ќе мора да го следат, како што се рестрикциите за земање лекови за да не дојде до допинг“, истакна Надал.

Шпанецот се осврна и на трката за најмногу гранслем трофеи во тениската историја, во која моментно води Федерер со 20, пред Надал со 19 и Ѓоковиќ со 17 пехари од најголемите турнири.

„Ќе видиме, моментно не размислувам за такви работи. Секако дека би сакал да завршам како играч со најмногу гранслем трофеи, но не сум опседнат со тоа. Не сум човек кој се грижи кој живее до мене или чија куќа е поголема, чиј автомобил е поскап и слично… Морате да бидете задоволни со она што го работите, тоа е најважно“, порачува Рафа Надал.

Се вчитува...