Нагелсман измисли нова формација: Баерн тргна со 3-1-4-1-1 и делуваше многу моќно

Јулијан Нагелсман се најде под зголемен притисок по слабите игри и резултати на Баерн на почетокот од новата година, јасно беше дека нешто мора да се менува, но никој не очекуваше дека младиот стратег ќе се реши за коренита промена – измислувајќи нова тактичка формација во која ќе ги усогласи своите бројни „ѕвезди“ во тимот.

На куп-дуелот против Мајнц можевме да видиме едно сосема поинакво издание на Баерн, откако Нагелсман се реши за сосема изненадувачка формација, 3-1-4-1-1. Пред голманот Нојер се најдоа Павар, Упамекано и Де Лихт како централни дефанзивци, а пред нив улогата на последен играч за врска ја извршуваше Џошуа Кимих. Во средниот ред, по страничните позиции делуваа Кансело и Коман, кои имаа повеќе офанзивни отколку дефанзивни задачи, а меѓу нив дејствуваа Лирој Сане и Џамал Мусиала. Искусниот Томас Милер одлично се снајде како полушпиц, поврзувајќи ги средниот ред и нападот, каде Чупо Мотинг воопшто не беше осамен како што налага формацијата, бидејќи во шеснаесетникот речиси секогаш имаше помош од најмалку еден свој соиграч.

„Не сакам да зборувам за себе и своите одлуки, премногу им се дава на значење. Се што сакав е да имам еден офанзивец повеќе во стартниот тим, да видиме како ќе изгледаме… Се излезе добро“, скромно прокоментира Нагелсман, видно задоволен од играта на неговиот тим.

Резултатот беше импресивен, Баерн славеше со 0-4, имаше над 70% од поседот на топката и упати дури 20 удари кон противничкиот гол. За новата тактика задоволно говореа и самите фудбалери, а најгласен беше најискусниот – Томас Милер.

„Презадоволни сме од начинот на кој го изведовме сето ова, промената на тактичката поставеност. Во соблекувалната веднаш можеше да се забележат насмевки на лицата на играчите, сите сме среќни. Ова се должи на напорната работа, сакаме да продолжиме во ист стил, сите веруваме дека оваа тактичка поставеност е добра за Баерн. Секој добро си го заврши својот дел од работата“, истакна Милер.

Се вчитува...