Најболната тема во мак-фудбалот – работата со најмладите: За тренерите, за „мамините синови“, за „амбициозните“ родители спремни и да се тепаат! (ВИДЕО)

Осмата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ заедно со најголемата македонска фудбалска легенда Дарко Панчев, а како гостин едно од најистакнатите македонски фудбалски имиња во поновата историја, Горан Попов донесе повеќе од интересни теми поврзани со македонскиот фудбал.

Меѓу нив и секогаш онаа „најболната“, за работата со младите категории во нашите клубови, која е клучна за развој на младите фудбалери и домашниот фудбал. Дарко Панчев и Горан Попов со свој став и за тоа што треба да биде клучно во работата со младите, за збогатување на тренерскиот кадар во најмладите категории, и за конечно стопирање на долгогодишниот проблем со форсирање на „мамини-татини“ дечиња на сметка на талентираните, но и за амбициозните родители кои само создаваат непотребен притисок на своите деца, а единствено само на штета на истите.

„Тренерски кадар, според мене, во помладите категории е тоа што недостасува повеќе на македонскиот фудбал во клубовите како би создавале вистински квалитетни деца. Не смееме да си дозволиме било кој да работи со децата. Предност треба да се даде на тие што играле фудбал. Долго време е тој проблем присутен. Фудбалската федерација, според мене, треба да помогне на клубовите барем да има нормално платени тренери…, да си примаат редовна и соодветна плата, како би биле и мотивирани за работа. Затоа што, реално, тука е проблемот. Клубовите немаат пари, па нема и не можат да најдат квалитетни тренери за работа со најмладите. А токму работата со најмладите е најважниот дел во секој клуб, затоа што тоа е базата на фудбалскиот квалитет во една земја. Тоа малку треба да се среди, на некој начин да им се помага на посиромашните клубови за да создадат подобри услови за работа во своите клубови, за да почнеме навистина да создаваме играчи“ – вели Дарко Панчев, на кого се надополнува и Горан Попов.

„Во последно време има се повеќе приватни школи затоа што нашите клубови, пак, не работат соодветно со најмладите дечиња од 7-8 годишна па до 14-годишна возраст. Клубовите не ги покриваат соодветно тие години, токму поради финансиската немоќ, па тој дел го покриваат приватните школи. Еве, кажете еден клуб во Македонија кој што има свој скаут или човек кој ги следи младите категории и младите таленти…, … освен тренерот кој што ги става играчите. А, скаутот може да влијае и на тренерот околу се почесто појавуваниот непотизам во младите категории. Овде сме да зборуваме отворено. Кај нас мора да игра на вујко ми, на батко ми, на татко ми. Тој проблем постои со години, и мора да се искорени! Треба да играат најдобрите. А не да игра тој што мене ми е пријател, или тој што ми е другар или на брат дете било, или не знам кој. Тоа треба да се искорени ако сакаме да вадиме квалитетни деца. Ги гледам младите категории, ги следам нивните натпревари и гледам што се случува. Замените кои влегуваат место играчите кои што играат во првите единаесет се три класи подобри од првите единаесет. Го гледам тоа со мои очи, тоа ми е работа“.

Посебна тема тука секако се и родителите во фудбалот. Дали некогаш претеруваат со своите амбиции, а сето тое несвесно може да биде само на штета на своето дете?

„И тоа е еден сериозен проблем во модерните времиња. Родителите мора да ги остават децата да тренираат и притоа да не им создаваат притисок. Не смее родителите да имаат поголема желба од самите деца да станат фудбалери. Тоа не води никаде. Треба детето да го остават сами да се развива. Тоа кое е талентирано и ако има предиспозиција да стане играч, и тие да не сакаат да стане, тој ќе стане фудбалер. Па, од тој аспект не треба да ги малтретираат ниту децата, ниту на тренерите да им прават притисок. Нашите родители кога сме тренирале, не ни знаеле дека тренираме. Никогаш татко ми не бил на тренинг. Едноставно треба да ги остават децата да работат и да играат. Ќе се види тоа, како минува времето, ќе се види кој е квалитетен, талентиран“ – истакнува Панчев, а сосема еднакво е мислењето и на Горан Попов.

„Комплетно се согласувам со се што кажа Дарко. Родителите мора да ги остават децата сами да се развиваат, без да се мешаат во работата на тренерите. Срамно е она што се случи во Штип, па и на други терени каде играат деца кога родители се подготвени и да се тепаат и со деца, и со противнички тренери, па и меѓу себе. Но, да бидеме реални, од друга страна има и проблем за кој претходно зборувавме. Родителите некогаш доаѓаат до степен на револт бидејќи гледаат дека играат „мамини и татини синови“, и настануваат проблеми. Мора да се искорени и тоа ако сакаме да создаваме квалитетни деца“ – вели Попов.

На крајот, факт е дека целокупното однесување и на родителите и на клубовите е поврзано единствено со проблемите околу финансирањето на најмладите категории. Се додека се бараат средства од родителите, тие секогаш ќе го носат впечатокот дека се и еден вид спонзори на клубот, па веруваат дека тогаш имаат и „право на глас“. А, ако клубовите сите трошоци сами ги покриваат тогаш ќе се работи и помирно, и пореално, и попрофесионално и поквалитетно…

„Да го затворам овој проблем, затоа што повторно е поврзан со финансискиот дел. Повторно доаѓаме до клучниот дел – до финансиите! Клубовите и тренерите се во ситуација да немаат и редовна плата а не за нешто повеќе. Едноставно кубурат финансиски, па ги молат родителите – купи дресови, плати автобус, итн… Па откако платил, ти сега како родител кога даваш пари, на некој начин си и спонзор, и потсвесно за тебе е нормално детето да ‘мора’ да ти игра. Дури и ако не е талентирано… Значи, пак доаѓаме до тој финансиски дел кој е многу клучен за да се ова функционира добро. Финансискиот дел клубовите треба да си го покриваат, треба да создадеме услови школите да немаат проблем во таа смисла… Е, тогаш ќе се работи помирно, и пореално и поквалитетно“ – истакнува Дарко Панчев.

======================================================

ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ со Дарко Панчев и со Горан Попов ГЛЕДАЈТЕ ГО НА СЛЕДНИОТ ЛИНК

Се вчитува...