Најдоброто од мак-баскетот: ЕКИПА Топ 5 домашни играчи (ФОТО)

Регуларниот дел од Првата кошаркарска лига ни донесе 132 возбудливи натпревари во кои беа забележани и изненадувачки резултати, тримфи со повеќе од 50 поени, триумфи и по неколку продолженија, а во пресрет на возбудувањата кои следат во Суперлигата и плеј-аутот, ЕКИПА направи избор на најдобрите пет домашни и странски кошаркари кои ги одбележаа овие мечеви.

Во „македонската петорка“ место има за Александар Костоски, Бобан Стајиќ, Дамјан Стојановски, Лука Стојановски и Бојан Трајковски.

Александар Костоски е еден од најзначајните играчи на ТФТ во сезоната во која „црно-белите“ атакуваат на „двојна круна“ откако го освоија и Купот на Македонија. Искусниот плејмејкер ја држи стабилноста во играта на тимот од Тафталиџе со просек од 14.0 поени, 6.3 асистенции и 2.9 скока по натпревар, и е играчот од кој се бара решение во неизвесни завршници.

Пелистер со и без Бобан Стајиќ е сосема различен тим. Бекот покрај тоа што ја држи организацијата на битолчани, оваа сезона создава големи проблеми и за противничките играчи со високата реализација за три поени од 52 отсто со што е лидер на лигата. 28-годишникот бележи покрај просекот од 12.0 поени, е и третиот асистент на првенството со 5.5 додавања по натпревар.

Лука Стојановски оваа сезона го покажува сиот свој потенцијал. Под водство на Петровиќ, младиот кошаркар блесна на прволигашката сцена, а продолжи со ист ефект и во мечевите под водство на Божиновски. 22-годишникот бележи просек од 12.0 поени со 43 отстотна реализација зад линијата 6,75, а дополнува и 2.3 скока и 2.1 асистенција по натпревар.

Капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски стандардно е еден од најдобрите кошаркари на секој натпревар на „сино-белите“, без разлика дали ќе го даде целиот допринес во нападот или одбраната. Искусниот кошаркар оваа сезона бележи просек од 11.7 поени, 4.1 скок и 2.3 асистецнии по натпревар.

Бојан Трајковски по преминот во редовите на Феникс 2010 е вистинска инспирација за младиот клуб. Доскорешниот репрезентативец го предводи новалијата речиси на секој натпревар, а во десет одиграни меча за „виолетово-жолтите“ бележи бројки од 20.9 поени, 9.1 скок и 3.7 асистенции.

Се вчитува...