Најдоброто од мак-баскетот: ЕКИПА Топ 5 странски играчи (ФОТО)

Регуларниот дел од Првата кошаркарска лига ни донесе 132 возбудливи натпревари во кои беа забележани и изненадувачки резултати, тримфи со повеќе од 50 поени, триумфи и по неколку продолженија, а во пресрет на возбудувањата кои следат во Суперлигата и плеј-аутот, ЕКИПА направи избор на најдобрите пет домашни и странски кошаркари кои ги одбележаа овие мечеви.

Во „странската петорка“ место има за Ијасу Ворку, Бре Ајви, Никола Малешевиќ, Амир Смит и Игор Кесар.

Ијасу Ворку беше вистинска инспирација во мак-баскетот оваа сезона. Американецот блескаше на паркетот со просек од 16.8 поени, 7.2 асистенции и 5.о скока по натпревар. Плејмејкерот е лидер на регулариот дел по остварени асистенции па неговото отсуство се очекува да биде голем проблем за гостиварци во продолжението од сезоната.

Бре Ајви по пристигнувањето во Академија ФМП донесе стабилнсот на тимот од Кисела Вода, а продолжи во одличен ефект и до самиот крај на регуларниот дел кој „академиците“ го завршија на третото место. Американецот забележа просек од 17.0 поени, 4.7 скока и 3.4 асистенции со што се наметна како еден од најдобрите странци во домашното првенство.

Името Никола Малешевиќ е добро познато во нашата кошарка, а Србинот формата од претходната сезона ја преслика и во новата. Кошаркарот на Пелистер оваа сезона забележа просек од 16.2 поени, 5.5 скока и 2.7 асистенции по натпревар, а круна на регуларниот дел од сезоната стави со блескава партија проследена со 38 поени, 8 скока и 4 асистенции против ТФТ во последниот меч.

Амир Смит е вистински проблем за противниците во играта во рекетот. Американецот е лидер на „скокачите“ во Првата лига со просек од 9.3 скока по натпревар, и воедно прв „блокер“ 2.3 со блокови по меч. Згора на тоа додава и 12.3 поени во просек.

Место меѓу најдобрите пет странци има и за Игор Кесар, уште еден кошаркар на „зелено-белите“ кои продолжува да биде „главно оружје“ на лидерот на табелата. Србинот е лидер на поентерите во домашното првенство со 19.5 поени во просек, а додава и 7.1 скок и 2.3 асистенции по натпревар.

Се вчитува...