Натпревар на колото: Лидерот Пелистер го пречекува вицешампионот Еуро Никел

Шестнаесеттото коло од Првата кошаркарска лига ќе биде комплетирано денеска од 18 часот и 30 минути во Битола каде лидерот на табелата Пелистер ќе го пречека вицешампионот Еуро Никел.

Битолчани по 14. одиграни натпревари имаат перфектен учинок, а во натпреварот против најискусниот тим во првенството влегуваат по „балонот“ на АБА2 во Бања Лука каде резултати не беа во полза на „зелено-белите“ па покрај продолжување на перфекцијата пред Купот, Пелситер ќе бара и „рехабилитација“.

„Исцрпувачки беше ритамот на „балонот“ во Бања Лука, посебно заради скратената ротација. Но, сега се освеживме и спремни сме за оваа кошаркарска недела. Еуро Никел ни доаѓа во Битола, а тоа е вистинско дерби и судир со многу искусна екипа. Можеби резултатите и местото на табелата тоа не го покажуваат, но Еуро Никел има неспорен квалитет и мора да го почитуваме. Ни следи овој дерби дуел и завршницата на Купот и верувам дека кошаркарска Битола ќе биде со нас. Ги повикувам гледачите, верувам дека спортската сала во Битола ќе биде исполнета, а ние ќе возвратиме со добра партија“, истакнува Млаеденовски.

За разлика од Пелистер, вицешампион не може да се пофали со учинокот во новата сезона во која тренерот Самарџиев имаше скратена ротација, но со доаѓањето на Кирил Николовски е пополнета празната позиција. Со крилниот центар кавадарчани забележаа две победи и еден пораз, a поранешниот репрезентативец и денеска ќе има значајна улога.

„Со доаѓањето на Николовски нашата центарска линија доби на квалитет и на подолга ротација во играта, но во првиот дел од сезоната имавме многу киксови и се доведовме во ситуација да секој следен натпревар ни е како финале доколку сакаме да влеземе во Суперлигата. Таков е и натпреварот со Пелистер, лидерот на табелата, тим кој покажа најмногу во досегашниот дел од првенството. Нашата шанса за изненадување ја гледам доколку ја сопреме нивната игра во транзиција каде што постигнуваат многу лесни поени, како и играта „2 на 2“ од која креираат отворени обиди. Доколку успееме да ги сопреме во голем дел од таа игра би имале шанса за победа“, изјави за ЕКИПА, Дарко Соколов.

Ќе биде интересно да видиме како ќе се одвива овој дуел пред се во играта под обрачите каде многу ќе зависи од контролата на скокот. Пелситер е еден од најдобрите „транзициски“ тимови во лигата, сегмент од играта во кој постигнува голем број на поени па значајно за Еуро Никел ќе биде лимитирањето на противникот во „лесните поени“. Слично како и „зелено-белите“ кои мораат да одиграат цврсто во рекетот против силната центарска линија на гостите која е преполна со искуство.

Се вчитува...