Натпревар за враќање на победничките патеки – Еуро Никел го пречекува МЗТ 2

Прволигашката кошарка се враќа овој викенд со дуелите од 12. коло. Првиот од нив ќе биде одигран во Кавадарци каде Еуро Никел го пречекува младинскиот состав на МЗТ Скопје од 18 часот. Победата е императив за двата тима со цел враќање на победите по поразите на првите дуели во новата година.

За Еуро Никел ова ќе биде вториот натпревар во низа на домашен терен откако во претходното коло во „Јасмин“ гостуваше ТФТ. Со поука од претходниот дуел, избраниците на Самарџиев влегуваат во оваа средба со цел конечно влегување во натпреварувачки ритам и серија на победи.

„Ни доаѓа младата екипа на МЗТ 2 која покажа на дуелот во Гостивар дека може да припрети со добрата транзиција, како и младоста и желбата која што ја имаат за докажување. На нас е да влеземе во натпреварот одговорно и силно од првата минута, бидејќи и покрај искуството се докажа дека овој ритам на играње може да биде кобен за секоја екипа, па и нашата. Во секој случај се радуваме на секој натпревар и се надеваме дека кончено ќе влеземе во ритамот сабота-среда, бидејќи е навистина тешко да се подготвуваш за натпревар, а не знаеш кога или пак воопшто дали ќе играш, што беше и нашиот случај. Желбата е да се влезе во серија на победи во следните натпревари, па знаеме што треба да направиме на овој дуел“ – изјави Данило Мијатовиќ.

Во слична ситуација е и составот на Боро Даскаловски, кој покажа добра игра во Гостивар, „штркчињата“ го натскокаа противникот, постигнаа 29 поени во првата четвртина, но преголемиот број на изгубени топки скапо го чинеа младиот состав. Фаворитската улога им припаѓа на домаќините, па растеретени во тој поглед, МЗТ 2 ќе се обиде да изненади уште еден противник.

„Очекуваме пред се да ја играме нашата игра, да веруваме еден во друг и да ги следиме инструкциите на тренерот Даскаловски. Се подготвуваме долго за овој натпревар, и цел ни е да ги поправиме грешките од минатиот кои не чинеа победа. Притисокот е на страна на противникот, нам ни останува да излеземе на теренот и да го дадеме нашиот максимум“ – изјави Максим Митевски.

Првата средба оваа сезона донесе возбудлива завршница во Аеродром каде пресуди искуството, па се надеваме на добар натпревар во вториот меѓусебен дуел.

Се вчитува...