Нацева: Им порачувам на младите најубаво место за излегување во следните десет дена ќе биде СЦ „Борис Трајковски“

Македонија од денеска па до 20. ноември ќе биде домаќин на Европското првенство ракомет за жени 2022 година. Нашата земја заедно со Словенија и Црна Гора го организира овој шампионат, а денеска по повод првенството беше одржана и официјалната прес-конференција.

Амбасадорот на шампионатот, легендарната Гордана Нацева им се обрати на присутните. Таа вели дека мора да бидеме свесни колку голема работа е оваа организација и им порачува на младите најубаво место за излегување во следните десет дена е СЦ „Борис Трајковски“.

„Благодарност до сите за вложениот труд, за ангажманот за организација на едно вакво големо натпреварување. Сите сме свесни колку голема работа ни се случува, сакам да им порачам на младите дека најубаво место за излегување во наредните десет дена ќе биде СЦ „Борис Трајковски“, кој денеска блеска од убавина. Ова ќе биде дополнителен мотив и силен импулс за сите што сме вклучени во женскиот ракомет, за да се врати на старите патеки. За нешто повеќе од 24 часа нашата репрезентација ќе излезе на мегдан на меч од ЕП. Денеска чувствувам емоцијиа како кога настапував во играчката кариера, можам само да замислам како се чувствуваат ракометарките. Знам колку работеа репрезентативките, свесни се дека ова е шанса на нивните кариери а јас искрено верувам дека ниедна желба не е неостварлива. Ја повикувам целата македонска публика да дојде во сала, да даде поддршка за нашата репрезентација. Сакам да им посакам успешен старт и на нашите спортски пријатели од Црна Гора и од Словенија, со кои заеднички го организираме овој спортски спектакл. Напред Македонија, со срце за Македонија“, изјави Гордана Нацева.

 

Се вчитува...