Прволигашите најавија бојкот доколку не се вратат старите цени на лиценци за странци, потоа дел од клубовите јавно проговорија дека не се согласуваат со овој став кој е далеку од заеднички, а претседателот на МКФ, Петар Наумоски, нема намера да отстапи од својата намера токму со оваа мерка да ги насочи клубовите поголемо внимание да посветат на создавање на домашни играчи отколку досегашниот избор – ангажман на странци како краткорочно решение за пополнување на своите ростери.
Попладнево во 15 часот ќе дојде до состанок меѓу Наумоски и претставниците на клубовите, но првиот човек на МКФ останува цврсто на својот став.
„Можам да потврдам дека ќе дојде до состанок со челниците на клубовите, на нивна иницијатива по вчерашното соопштение што го испратија. Она на што ја инсистирав е на состанокот да присуствуваат исклучиво претседателите, за директно и конкретно да им се објаснат причините поради кои се преземаат овие мерки, за кои тврдам дека се за доброто на македонската кошарка. Иако го претставија вчерашното соопштение како едногласно јасно е дека тоа воопшто не е случај. Моите информации е дека станува збор за еден клуб што не сака да плати и ги „подбуцнува“ другите, кои пак имаат проблем да ги исполнат обврските што им се таложат уште од претходните години. Како и да е, ние стоиме на она што ни е зацртано како став и мерка за развој на македонската кошарка и на македонските играчи“ – истакнува Наумоски.
Претседателот на МКФ уште еднаш ја потенцираше својата намера да го врати нормалниот начин на функционирање, федерацијата да биде над клубовите.
„Секаде во светот се знае како е функционирањето, постои Федерација и Управен Одбор кои донесуваат одлуки што потоа се применуваат од страна на останатите членки. Јас останувам цврсто на својот став, не само за овој конкретен случај, туку и гледано генерално, бидејќи не може по секоја одлука на Управниот Одбор потоа клубовите незадоволни да свикуваат собранија. Тоа е начинот на функционирање што постоеше претходно, бидејќи некој им имаше дадено преголема власт, а тоа едноставно не е нормално“ – вели Наумоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА