Навивачите бараат смена на Розе, но челниците на Борусија не размислуваат за такво нешто

После вчерашниот пораз од Глазгов Ренџерс, Борусија Дортмунд е пред елиминација во Лигата на Европа. На својот стадион, Борусија беше поразена со 2-4, во една катастрофална игра на „милионерите“. Тие во последните три меча имаат примено девет гола, и тоа го запали алармот.

Навивачите на Борусија бараат смена на тренерот Марко Розе, и да биде вратен Един Терзиќ, кој лани го однесе тимот во Лигата на шампионите и го освои Купот на Германија, но раководството засега не размислува на такво нешто.

Претседателот Ханс-Јоаким Вацке ги нарече како „измислици“ наодите дека наводно имало итен состанок на раководството со тренерот на кој ќе биде разговарано за неговата иднина.

Борусија ако испадне од Лигата на Европа, ќе остане само да се бори за Бундес-лигата. Веќе испадна во Купот од второлигашот Сент Паули, а и во првенството заостануваат шест бода зад лидерот Баерн.

Се вчитува...