Не било до тренерот – Работнички поразен и од Ангели

Ниту промената на тренерот не му помогна на најтрофејниот македонски клуб, Работнички да ги надмине проблемите со кои се соочува. Клубот од „Градски Парк“ доживеа нов пораз откако загуби од „фенерџијата“ Ангели со 73-64 во натпревар од 14. коло во кошаркарската лига на Македонија.

Избраниците на Игор Михајловски кој го имаше дебито на клупата подобро го отворија мечот и по десет минути играа имаа предност од плус тринаесет 14-27. Сепак, се што градеа во првите десет минути, прокоцкаа во вторите во кои постигнаа само девет поени и на полувреме се замина во „егал“ (36-36).

Во вториот дел домаќините и во двата периода беа за нијанси подобар тим што резултираше со конечен триумф од 73-64. Милков со 18 поени и Долски со еден помалку беа најефикасни во таборот на победникот, додека кај поразените Какруки и Марковски заврши со по седумнаесет.

Ова за Ангели беше втор триумф сезонава со кој се израмнија на табелата со претпоследниот МЗТ Скопје 2, додека Работнички го запиша седмиот пораз и доколку не се консолидираат работите, најтрофејниот македонски клуб ќе има тешка задача до крајот на сезоната.

 

Се вчитува...